Тесно прво полувреме, тешки 15 минути во второто и одлична последна четвртина од средбата со Тунис одигра ракометната репрезентација на Македонија за конечни 34:30 во премиерниот настап на 25. Светско првенство во ракомет во Франција. Осцилации беа присутни кај националниот тим кој, сепак, одигра на високо ниво кога беше најпотребно, кога се кршеше резултатот, кога се задаваше решавачкиот удар.
По мечот, разбирливо, беше истакнато задоволство од севкупниот перформанс, од покажаниот карактер, од борбеноста, упорноста и истрајноста и во ситуација кога Македонија се наоѓаше на работ. Тенка беше линијата меѓу победата и поразот, но ракометарите останаа на курсот што на крајот им донесе високо подигнати раце, гордо кренати глави и насмевки на лицата.
„Со интелигентна игра ја остваривме целта. Победивме и ќе беше голема штета ако не успеевме во тоа по сето она што го одработивме и одигравме за време на подготовките. Ракометарите одиграа колективно, дишеа како еден, гинеа на терен. Секоја чест. Капа долу за нив“, рече Червар по средбата.

Македонскиот селектор потенцира дека натпреварот со Тунис бил токму онаков каков што и очекувал. Но, со мали исклучоци и „црвенно-жолтите“ одиграле како што замислувал и посакувал тој. Триумфот е добредојден, вели, меѓутоа не смее да придонесе за еуфорија бидејќи е минат само еден меч и има уште многу на ова првенство.
„Се случи пад на почетокот на второто полувреме. Еден период бевме без решение во нападот. Ако, пак, севкупнно гледаме, играта со човек повеќе во напад беше одлична. Нѝ донесе резултат и ме прави да бидам задоволен. Победата е голема, победата е слатка, но победата, исто така, не треба да нè фрли во еуфорија. Ова, сепак, е само еден натпревар, имаме уште доста за играње на овој шампионат“, предупреди Червар.
Манасков: Покажавме карактер и минусот од четири гола го претворивме во плус четири
Тунис беше за нијанса подобар противник во првиот дел, Македонија во вториот, особено во последите 15 минути во кои ја направи разликата и ја однесе победата. Дејан Манасков, реализаторски, беше најголема поддршка за капитенот Кире Лазаров во нападот. Крилото на Рајн Некар Левен постигна седум гола колку и вардаровиот кружен напаѓач Стојанче Стоилов.

„Покажавме карактер и заслужено се радуваме. Задоволството е огромно. Не застанавме и во моментите кога имавме минус четири, успеавме да направиме пресврт и на крај да победиме со четири гола разлика. Одигравме добро во второто полувреме и мислам дека разликата беше во нашата игра седум на шест во напад. Нѝ недостасуваше концентрација при шутевите во првиот дел и како последица на нејзино отсуство на моменти се случија неколку промашувања. Тунис го оставаме зад нас, сега се фокусираме на Ангола и добро е што имаме ден одмор“, истакна Манасков по средбата.