Лина Ѓорческа ќе инкасира 25.000 австралиски долари и ќе впише 30 ВТА бода за двете победи против Сачија Викери и Далма Галфи и поразот од Стефани Фогел на Австралија опен. Организаторот на првиот гренслем во сезоната го зголеми наградниот фонд за турнирот што започна ноќеска, а притоа се опфатени и квалификациите. Вкупниот награден фонд е „подебел“ за 14 отсто во однос на лани и годинашното издание „тежи“ рекордни 50 милиони долари.
Покрај драстичното освежување на банкарската сметка, најдобрата тенисерка ќе додаде и 30 бода на ВТА листата што се очекува да бидат доволни за влез, за првпат, меѓу најдобрите 200 во светот во поединечна конкуренција. Тие ќе бидат вкалкулирани на првото рангирање по гренслемот во Мелбурн.

Наградниот фонд за годинашното издание на Австралија опен е за повеќе од трипати поголем од турнирот во 2001 година, на пример, што се играе за 13,9 милиони долари. За 10 милиони е нараснат од 2014 година наваму, а една од најголемите корекции се однесуваат токму на квалификациските рунди (39 отсто).
Заработката за првото коло на главниот турнир е 50.000 австралиски долари што е зголемување за 30 отсто од лани (38.500 долари). Победа во второто коло значи 80.000 австралиски долари или 19 отсто повеќе од 2016 година (67.000 долари), триумф во третото ќе значи 130.000 долари или 20 отсто плус од последниот турнир (108.000 долари). Успех во осминафинале носи 220.000 долари (беше 193.000 долари) и за девет отсто се поместени наградите за четврт-финале, полуфинале, за пораз во финале и за победа.

Тенисерите и тенисерките во поединечна конкуренција ќе распределат по 15 милиони долари, за конкуренција на двојки се предвидени по 2,6 милиони долари, половина милион долари се планирани за конкуренција во мешани двојки и 2,2 милиони долара се наменети за други настани во рамки на Австралија опен.
Победниците во сингл (мажи/жени) ќе заработат по 3,7 милиони долари, а поразените во финалните мечеи по 1,9 милиони долари. По 650.000 долари е наградата за најдобрите во машки и двојки и 150.500 долари за освојувачите на трофејот во мешани двојки.