Британската премиерка Тереза Меј порача дека нејзината земја сака чист развод со ЕУ, вклучително и напуштање на заедничкиот пазар. Таа очекува преговорите да траат две години, а заминувањето да оди во фази.
Таа во нејзиното обраќање рече дека Обединетото Кралство сака целосен раскин на односите со Брисел, а не договор за половичен излез.
Ги отфрли етикетите како „тврд и мек Брегзит“ кои често се користат во јавноста, и рече дека сака да гради нови односи во интерес и на Британија и на ЕУ.
– Ниту делумно членство во ЕУ, асоцијативно членство. Не се обидуваме да усвоиме модел кој го користат некои земји. Не сакаме да задржиме делови од членството при заминувањето, рече Меј.
Меј презентираше 12 приоритети, кои вклучуваат напуштање на заедничкиот ЕУ пазар и преземање на целосна контрола над границите.
– Сакаме да ги купуваме вашите производи, да ви ги продаваме нашите, да тргуваме со вас колку што е можно послободно, и да соработуваме во интерес на побезбедна, посигурна и просперитетна иднина преку континуирано пријателство, рече во говорот.
Меј се надева дека по напуштањето на заедничкиот пазар, Британија ќе успее да постигне договор за слободна трговија со ЕУ. Лидерите на ЕУ веќе порачаа дека Британија нема да може да остане дел од заедничкиот пазар без притоа да дозволи слободно движење на луѓе.
Според Меј договор за излез на Велика Британија е можен во следните две години, а напуштањето потоа ќе оди во фази. За конечната одлука за излез, ќе гласа британскиот Парламент.
Откако беа објавени делови од говорот на Меј, утрово британската фунта падна на ново најниско ниво во однос на американскиот долар, но во меѓувреме се стабилизираше, откако таа најави дека Британија ќе биде отворена за трговија на глобално ниво.