Иран одбива повторно да го преговара нуклеарниот договор склучен со САД, Кина, Русија, Германија, Франција и Велика Британија и кој стапи на сила пред една година.
Изјавата на иранскот претседател Рохани доаѓа по зборовите на новиот американски претседател Доналд Трамп кој рече дека овој договор “е еден од најлошите досега склучени” и дека е “глупав”. Трамп ова го изјави во интервју за германскиот Билд и британскиот Тајмс но одби да каже дали ќе го доведе во прашање договорот.
“Нуклеарниот договор е завршена работа, тој беше одобрен од Советот за безбедност на Обединетите Нации и стана меѓународен документ. Тоа е мултилатерален договор и нема никаква смисла да се преговара повторно”, изјави Рохани во Техеран на прес конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Во новата администрација на Трамп се именувани луѓе кои имаат отворени анти-ирански ставови како новиот шеф на дипломатијата Рекс Тилерсон кој изјави дека бара “комплетна ревизија” на договорот со Иран.
“Г-дин Трамп, избраниот претседател, има повеќе различни изјави кои велат дека договорот не го задоволува, дека договорот не е добар или уште дена тоа е најлош договор”, рече Рохани додавајќи дека тоа за него се само “слогани” и дека влегувањето на Трамп во Белата куќа ќе ги смени ставовите.
Европската унија од своја страна изјави дека таа ќе се држи до договорот кој за ЕУ е “исклучително значаен”, особено за безбедноста на континентот.