Првиот човек на македонскиот ракомет, Живко Мукаетов го оцени како успешен настапот на ракометарите во групната фаза на Светското првенство. Задоволен е од досегашните игри и верува дека со колективна игра може да се мине и Норвешка иако ќе важи за фаворит.
„Секоја чест за момците. Изгинаа на терен. Македонија е во осминафинале, Македонија ја избегна Франција, Македонија може со Норвешка ако го задржи карактерот и одигра колективно“, истакна претседателот на РФМ.
Мукаетов потенцира дека видел карактер кај ракометарите против Исланд што го смета како едно од оружјата за испишување историја утре попладне против скандинавската селекција.
„Големо е задоволството да се биде поддршка на овие момчиња во Франција. Нареден фокус е Норвешка. Ракометарите покажаа карактер против Исланд и ако го повторат се е можно во осминафиналето. Со тимска игра верувам дека може да ги изненадиме Норвежаните“, додаде претседателот на Ракометната федерација на Македонија.