Со шесте гола против Норвешка, Кире Лазаров застана на бројката од 50 на врвот на листата на стрелци на Светското ракометно првенство во Франција. Но, тешко веројатно е дека ќе ја задржи лидерската позиција.
Македонија е елиминирана на турнирот, а по капитенот на „црвено-жолтите“ следува Банур со 44 погодоци, но ќе има уште еден настап со Тунис во меч за 19 место против поразената селекција од средбата меѓу Саудиска Арабија и Аргентина.
„Емотивно се истрошивме и дојде до пад во второто полувреме. Штета што не беа во состојба да помогнат Манасков и Миркуловски. Со барем еден од нив двајца ќе беше подруго, ќе бевме поконкурентни против оваа Норвешка што ја почитувам“, истакна Кире Лазаров.
Капитенот смета дека Македонија не загуби ништо на ова првенство, а доби многу во минутажата на помладите ракометари.
„Шансата што младите играчи ја добија овде ќе биде од големо значење во развојот на нивните кариери. Верувам дека Македонија ќе има добра ракометна иднина. Денеска имав задача од селекторот да асистирам и шутирам при нападите со човек повеќе и мислам дека добро одговорив. Со подобра реализација можевме и подобро на минеме. Создадовме многу ситуации, но не реализиравме и многу зицери“, е коментарот на, засега, најдобриот стрелец на шамионатот во Франција.