Серена против Венус за ново, деветто, гренслем финале на Вилијамсови беше еден од најпосакуваните исходи за титулата на Австралија опен. Многумина го помислија, многумина го посакуваа, но и најголем дел воопшто не очекуваа сестрински дуел за тронот. А, кога ќе се добие нешто што е неочекувано, тогаш и најслатко е. Тенискиот свет го доби токму тоа – можноста да ужива во едно од најголемите ривалства кај дамите што се актуелизира по долги години.

Американските сестри, утре изутрина (09,30 ч.), ќе бидат на спротивни страни од мрежата по 28 пат. Подобра во досегашните дуели е Серена. Води со 16:11, севкупно земено, со 6:2 во гренслем финалињата и ќе атакува на седми трофеј во Мелбурн, вкупно 23 во кариерата, за престигнување на легендарната Германка Штефи Граф. Венус, пак, ќе се обиде од втора да стигне до пехарот што никогаш го нема освоено.
Разорните удари на Серена контра разорниот сервис на Венус
И едната и другата се слични профили на тенисерки. Двете играат со десна рака, двете играат дворачен бекхенд, двете важат за одлични од основната линија, двете имаат разорен сервис. Венус дури е актуелна рекордерка во брзината на почетниот удар (208 км./ч.) на три од четири гренслеми (Ролан Гарос, Вимблдон и Ју-Ес опен).

Она што можеби ќе биде предност за Серена е подлогата бидејќи Венус се смета за специјалистка на трева. На неа може и знае подобро да се снајде, на која се чувствува посигурно, покомотно, подобро, помоќно. Најдобра илустрација за тоа се петте победи на Вимблдон од вкупно седумте гренслем трофеи во нејзината колекција.
Но, нејзина предност е нападот на секој дел од противничкото поле, умешноста да „испали“ винер и во позиција на дефанзива, излегувањата на мрежа и полуволеј и волеј ударите што ги работи до совршенство. И, секако, распонот на раце (185 сантиметри) што ја прави тешко пробивна на мрежа и да нема загубено топче.
Недопирливи на почетокот на 21 век, недопирливи и денеска во Мелбурн
Заедничко за двете е што се враќаат на големата сцена по подолга пауза и што се веќе на средина од четвртата деценија во животот. Се враќаат по повреди од кои повеќе патеше Венус. Нивната доминација почна со 21 век и едноставно беа недопорливи за конкурентките од 2000 до 2003 година. Потоа следуваше период на повреди кај повозрасната, со нив дојдоа порази на што се надоврза и убиството на нивната сестра Јетинде Прајс.

И по секоја незгода и отсуство од јавноста се враќаа посилни на терените. Им пркосеа и на здравествените проблеми и на напливот на новите млади генерации на колешки што го потврдуваа со добиени мечеви, турнирски победи, освојување на гренслем титули и олимписки одличја. Ахилова петица, повреда на рачниот зглоб, болки во грбот, обновена повреда на рачниот зглоб, вирусна инфенција.
Венус се враќаше посилна по секоја повреда, Серена доминира цела деценија

Со сето тоа се соочи Венус Вилијамс по Вимблдон во 2003 година и во 2011 година и беше дијагностициран Сјегрен синдром, автоимуно заболување што според описот може да се манифестира на различни начини – со сува уста, суви очи, сушење на кожата, да се одрази на половите органи, да предизвика болки во коските и мускулите на екстремитетите, на лимфните жлезди. Надмина се, болеста ја стави под контрола поради што стана и веган и се врати на Игрите во Лондон злато во дубл заедно со Серена која за тој период остана доминантна во женскиот тенис.
Сестрите Вилијамс без сомнение важат за едни од најуспешни тенисерки на сите времиња. Заедно имаат 29 гренслем титули во поединечна конкуренција од кои 22 отпаѓаат на една година помладата Серена, а останатите седум на Венус (пет на Вимблдон и две на Ју-Ес опен) која има и 14 титули во дубл.
Патот до финале на Австралија опен 2017 на Серена Вилијамс
Прво коло: Белинда Бенчиќ (Швајцарија) 6:2, 6:3
Второ коло: Луси Сафарова (Чешка) 6:3, 6:4
Трето коло: Никол Гибс (САД) 6:1, 6:3
Осминафинале: Барбора Стрицова (16., Чешка) 7:5, 6:4
Четврт-финале: Јоана Конта (9., В. Британија) 6:2, 6:3
Полуфинале: Мирјана Лучиќ-Барони (Хрватска) 6:2, 6:1
Финале: Венус Вилијамс (13., САД) ????
Патот до финале на Австралија опен 2017 на Венус Вилијамс
Прво коло: Катерина Козлова (Украина) 7:5, 7:6
Второ коло: Стефани Фогел (Швајцарија) 6:3, 6:2
Трето коло: Јинг Јинг Дуан (Кина) 6:1, 6:0
Осминафинале: Мона Бартел (Германија) 6:3, 7:5
Четврт-финале: Анастасија Павлјученкова (24., Русија) 6:4 7:6
Полуфинале: Коко Вандевеге (САД) 6:7, 6:2, 6:3
Финале: Серена Вилијамс (2., САД) ????