Серена Вилијамс по седми пат го покори Мелбурн. Во финалето на Австралија опен ја совлада една година повозрасната сестра Венус со 6:4, 6:4 за 316 победа во кариерата, рекордна во Опен ерата и во машка и во женска конкуренција, но и за 23-ти освоен гренслем трофеј.
Венус Вилијамс, и покрај поразот, го даде максимумот во „Род Лејвер арена“. Немаше забелешки и по 17 пораз од нејзината сестра во меѓусебните дуели и по седмиот во финалните гренслем мечеви. Го покажа и со насмевката на лицето и со прегратката на својата „противничка“. Истакна дека горда на себе што стигнала до крај на турнирот и ѝ честита на Серена на новиот голем успех.

„Му благодарам на Господ што ми овозможи да се вратам, да бидам овде. Среќна сум што имав прилика да играм финале денеска. Серена е моја сестричка и честитки за 23 гренслем титула. Игравме многупати, доживеав некои чудни порази од тебе, но извонредно е да се има овој ривалитет. Твојата победа е моја победа. Кога јас не успеав да освојам титула, ти беше тука да го направиш тоа наместо мене. Горда сум на тебе“, истакна Венус во обраќањето пред публиката и кон Серена.
С. Вилијамс: Без Венус немаше да освојам 23 гренслем титули
Новата, сега седумкратна, шампионка на Австралија опен, Серена Вилијамс изјави дека е пресреќна по триумфот во Мелбурн. Нејзината витрина брои 23 гренслем трофеи во поединешна конкуренција што ќе било невозможно да ги освои без Венус Вилијамс.
„Беше тешко за време на целиот турнир. Играв и се молев на Господ да успеам. Честитки за Венус. Таа е извонредна личност. Без неа немаше да освојам 23 титули на гренслем турнирите. Таа е единствената причина поради која сум овде денеска. Ти благодарам Венус што ме инспирираш да бидам најдобра тенисерка. Овие резултати што ги постигнувам се поради тебе. Без неа немаше да постојат сестрите Вилијамс“, истакна Серена.

Победата на Австралија опен знаи и нејзино враќање на првото место на ВТА листата што го презеде Германката Анжелик Кербер во септември во 2016 година. Со 23 гренслем титула ја надмина легендарната германска тенисерка Штефи Графи која има 22 во кариерата, а пред неа е само Маргарет Корт која има 24. Австралијката ги освои пред почетокот на Опен ерата во 1968 година и примената на новиот начин на бодување.
„За Венус не сакам кога велат дека се вратила. Таа никогаш и не замина од светскиот тенис“, додаде Серена Вилијамс и изрази надеж дека Венус догодина ќе успее да триумфира на Австралија опен, турнир што го нема освоено во кариерата.