Птичји грип од тип АХ5Н8, кој не е опасен за луѓето, е откриен кај живина во струшкото село Мороишта, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Станува збор за високо заразна болест кај живината, што не се пренесува кај луѓето и не може да претставува закана по јавното здравје кај луѓето.
„Првиот случај е детектиран на 27 јануари по активен надзор на живината спроведен на терен и е констатиран во лабораториските анализи на Факултетот за ветеринарна медицина. Веднаш пристапивме кон протоколот за справување со птичји грип и тоа во самото жариште да се уништи целокупната живина, нештетно да се отстрани и да се изврши комплетна дезинфекција, изјави Поповски.
Според Поповски донесени се неколку мерки и прогласени две заштитини зони под надзор, каде согласно по правилникот на терен се уништува целокупната живина и производи од живина што биле во контакт. На терен се активни 30 тимови по 4 лица.
„Секоја живина што ќе биде угината ќе биде обесштетена. Веднаш ќе се прават записници и ќе се пополнува барањата за штета. Апелираме за максимална кооперативност од локалното население бидејќи се работи за вирус што многу брзо се шири кај живината и може да направи големи економски штети“, рече Поповски.
Вирусот од ноември минатата година циркулира во некои европски земји. Од Агенцијата за храна информираат дека активни забрани има кон сите земји каде е појавен вирусот, но дека забраните не се однесуваат на цели држави туку на региони.