На Европскиот парламент (ЕП) и на Европската комисија (ЕК) воопшто не им е важно кој ќе биде на власт во Македонија. Она што е навистина важно е да има стабилна влада која ќе ги спроведе итните реформи од извештајот на Прибе и влада која нема да оди против работата на СЈО. Повторување на изборите би значело продолжување на кризата а на Македонија и треба спротивното а тоа е излегување на кризата.
Ова е накусо заклучокот од дебата за Македонија која пред малку се одржа во Комисијата за надворешни работи на ЕП во Брисел. На дневен ред беше нацрт Резолуцијата за Македонија која ја изработи Словенецот Иво Вајгл и која треба да биде усвоена во март или април на пленарна седница на ЕП.
Германскиот социјалист Кнут Флекенштај во дебата рече дека чул некакви гласини дека ЕУ, ЕП или ЕК навиваат дека некоја партија треба да дојде на власт во Македонија. Тој ги отфрли тие шпекулации и изјави дека “на ЕП и ЕК не им е важно кој ќе биде на власт се додека има јасно мнозинство и стабилна влада која ќе се врати на европскиот пат, која ќе ги спроведе итните реформски приоритет и реформите од Пржино и која нема да оди против работењето на СЈО”.
“По ВМРО-ДПМНЕ сега и друга партија треба да добие шанса да направи влада”, рече хрватскиот пратеник Тонино Пицула.
Известувачот Вајгл смета дека не е умно да се повторуваат изборите како што тоа го предложи ВМРО-ДПМНЕ во неделата вечер откако не успеа да формира влада. За Вајгл тоа би значело “продолжување на кризата”. И повтори дека “партиите треба да ги стават интересите на државата пред интересите на партијата” и да го поддржат работењето на СЈО кое треба да ја расветли аферата на прислушувањето.
Претставничката на ЕК присутна на дебатата побара “стабилна влада и влада и опозиција кои ќе работат заедно да се надокнади загубеното време, да се работи на итните реформски приоритети и СЈО да добие време и пари да ја заврши работата”.
Сите политички групи во ЕП речиси едногласно побараа од ЕУ Македонија да почне најпосле преговори за членство и не стои повеќе во чекалната:
“На Македонија и е потребна нашата поддршка и затоа се потребни преговори. Почетокот на преговорите не може повеќе да биде условуван со името и билатералните проблеми. Ја повикуваме ЕК непосредно да се вклучи во решавање на спорот со името во соработка со ООН и сите други кои можат да придонесат ова да се симне од дневен ред”, се согласија голем број пратеници.
Спорот со Грција
Во дебатата традиционално имаше размена на ставови за спорот со името.
Некои грчки пратеници велеа дека спорот со името не е билатерален туку меѓународен спор. Па така, според нив, тврдењето дека билатералните спорови не смеат да бидат пречка за преговори за членство не важи во случајот со името и подвлекуваа дека оваа кавга е меѓународно прашање.
Се разбира, Грците имаа и против употребата на нашето име во нацрт Резолуцијата и денешната дебата.
На ова одговорот дојде од пратеник кој во ЕП работи од крајот на 90те години, рече дека со години се води истата дебата и ги замоли Грците да сфатат дека се изолирани кога станува збор за името на Македонија.
“Ние овде зборуваме за Македонија. Не се обидувајте да не убедите во спротивното и треба да знаете дека сте изолирани. Народот треба да биде во прв план а не историјата”, им рече на грчките колеги Мајкл Галхер од германската ЦДУ.
Во однос на името претставничката на ЕК рече дека тие ќе даваат политичка поддршка за да се најде решение за името ако тоа го сакаат двете страни.
Вајгл на крајот заклучи дека ЕУ треба да се вклучи во решавање на спорот:
“Обединетите Нации се далеку а Македонија е блиску до нас. Ако ова вака продолжи ќе мораме можеби да ја платиме цената на нестабилност во една блиска држава. Морам да кажам дека најголем број од нас ја прифаќаат оваа држава на Балканот како земја што се вика Македонија”.