Денешниот тренинг на Баерн Минхен создаде главоболка за Карло Анчелоти. Се повреди Франк Рибери кој ќе мора да пауза околу десетина дена. Неговото враќање во првиот тим, сепак, ќе зависи од процесот на рехабилитација, но уште од сега е сигурно дека ќе пропушти најмалку три меча на Баварците.
Французинот се пожали на болки во мускул на ногата и по лекарските прегледи е сугерирано дека ќе мора да мирува во наредниот период. Извесно е дека Рибери нема да биде во комбинација за првиот тим на Баерн Минхен во натпреварите со Шалке и со Инголштад во Бундеслигата и со Волфсбург во германскиот куп.
Меѓутоа она што го загрижува Анчелоти е неизвесноста дали ќе биде подготвен за првата осминафинална средба против Арсенал во Лигата на шампиони на 15 февруари.
Тренингот успешно го одработија Чилеанецот Артуро Видал и Холанѓанецот Арјен Робен. Под посебен режим и натаму се Кингсли Коман, Чаби Алонсо и Филип Лам.