Денешната агенда на еврокомесарот Јоханес Хан заврши со средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е единствениот од политичките лидери кој не застана пред новинарите да информира за што разговарале со Хан.
Освен тоа, Груевски пристигна на средбата со доцнење од речиси 40 минути.
Претходно рече дека не сака средбата да биде снимена, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека утре ќе информираат преку соопштение за медиумите за деталите од средбата.
Хан денеска се сретна со лидерите на повеќе политички партии. Тој препорача брзо да се формира влада, затоа што земјата ја очекуваат многу предизвици.
Лидерите на Беса, на Алијансата за Албанците и ДПА по средбите со Хан рекоа дека нови избори, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, не се решение за излез од политичката ситуација.
Али Ахмети од ДУИ, по средбата јавно побара од лидерот на СДСМ, Зоран Заев потпис дека ги прифаќаат нивните барања за евентуално коалицирање, но објасни и дека неговата партија преговара и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ истовремено.
На средбата на Хан со Груевски претходеше средба на еврокомесарот со првиот човек на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, кој пак рече дека ќе направат се, за што побрзо да се соберат потписите и да го добијат мандатот од претседателот за да формираат влада.
За утре во 9 часот закажана е средба на Хан со претседателот Иванов, за да заврши неговата прва посета на Македонија по изборите одржани на 11.декември.