Потесното раководство на СДСМ, вечерва по враќањето на премиерот Зоран Заев од Рим, според информациите, се очекува да ја утврди номинацијата на актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за технички премиер, што подоцна треба да ја официјализираат органите на партијата. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митровски, денеска не сакаше да ги потврди овие информации.

„Во текот на денот, политичкото раководство ќе има редовна координација и најверојатно ќе се донесе таа одлука. Кога ќе се донесе таа одлука, дали денес или во следниот период ќе бидете известени. Во овој момент не сакам да зборувам за шпекулации“, рече Митровски.

На координацијата во партиското седиште не е исклучено да се направат и внатрепартиски консултации во врска со заладените односи со ДУИ. За оваа тема Заев најави и консултации со коалициските партнери, од каде велат дека таква средба засега не е закажана.

Фото: balkaneu.com

„Социјадемократскиот сојуз вечерва ќе има партиски состанок. Доколку донесат одлука во однос на релациите со ДУИ, тогаш секој од политичките субјекти во коалицијата индивидуално ќе биде известен, за ние потоа да го изградиме сопствениот став. На крајот, според досегашната практика, можеби наредната недела, би уследила заедничка средба на која дефинитивно би се договориле што и како понатаму“, вели за Нова ТВ, лидерот на НСДП, Тито Петковски.

Според последните информации од партиите, мала е веројатноста очигледните несогласувања меѓу владините партнери по одредени клучни прашања да доведат до распад на коалицијата на само петнаесетина дена пред заминувањето на политичката влада на овие две партии и изборот на техничка влада – 100 дена пред изборите на 12 април. Сепак, соговорници од ДУИ велат дека не треба да се исклучи можноста да се донесе и одлука за напуштање на Владата на Конгресот на партијата закажан за в сабота.

Претходно Централното претседателство одлучи партијата на изборите на 12 април да настапи сама, без коалиции, ниту со македонските ниту со албанските партии. ДУИ моментно ги предводи владините ресори за европски прашања, економија, образование, политички систем, животна средина и просторно планирање, итн., а има и неколку заменик-министри. Доколку ДУИ се одлучи за „чао во пет до 12“, во таков случај во техничката Влада би требало да партиципираат кадри од албанските политички субјекти кои сега се во опозиција, бидејќи, според политичките посматрачи, би било незамисливо преодната Извршна власт да нема претставник од албанскиот политички блок.

„И до нас допреа информации дека ДУИ може да реши да одглуми некаква храброст и да ја напушти Владата. Во таков случај тие ќе загубат неколку министерски и заменички места, но ќе им останат 200-те директори по јавните претпријатија. Би било навистина идиотски после толку години власт и такви лоши политики сега ние да го спасуваме ДУИ. Не доаѓа предвид да влеземе во техничката Влада “, вели за Нова ТВ, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој тврди дека при евентуална таква разврска на политичката сцена тие нема да си дозволат да бидат спасители, на, како што велат „вечните „интегративци“ во власта“, и додава дека преговорите за обединување на албанската опозиција одат во исклучително позитивна насока.

Дел од политичките аналитичари, распадот на владината коалиција го ставаат во сферата на научната фантастика.

„Предизборните кавги со владините партнери се дел од политичкиот ритуал на ДУИ. Но, вербалните препукувања веќе никого не сензибилизираат. Доколку евентуално ДУИ излезе од Владата, во што никако не верувам, тогаш тоа би имало одредено влијание на понатамошниот изборен процес“, вели за Нова ТВ, аналитичарот Роберт Несими.

Несогласувањата меѓу СДСМ и ДУИ датираат од поодамна, а кулминираа со забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, блокирањето на ДУИ со илјадници амандмани на измените во изборниот Законик, како и со намигнувањата со старите партнери ВМРО-ДПМНЕ за избор на членови на Судскиот совет, со што повторно се отвори дилемата дали нивната папочна врвца воопшто некогаш е пресечена.

Очекувањата во политичките кругови се дека ДУИ предизборно ќе ја заостри националистичката реторика и со пласирање на етнички теми во вакви критични моменти ќе се обиде да се наметне како шампион во наддавањето поврзано со тоа кој ќе му обезбеди на албанскиот гласач повеќе права. Етничката агенда, за жал, е очигледно картата на која сè уште се игра во битката за гласови.

„Погледнете ја изјавата на вицепремиерот Бујар Османи, главниот преговарач со ЕУ околу промената на изборниот модел која практично се сведува на тоа дека најважно е колкав број Албанци ќе добијат место во Собранието, а не граѓани на оваа земја кои се способни да ги турнат работите напред. Тој во ЕУ преговара во името на Македонија, а со ваквите изјави само ја крева националистичката лествичка“, вели Петковски.

Според него, ДУИ не може да му прости на СДСМ што им одзема одреден контингент гласови, кои сега, како што нагласува, сакаат да си ги вратат користијќи го етничкиот наратив.

„Тоа е истата матрица на делување како и кај македонската опозиција. Сè и сешто ќе се изнаслушаме во овој предизборен период од етнички агол на гледање на работите“, вели Петковски.

Поради недоразбирањата на релација СДСМ-ДУИ, Владата, како што рече деновиве пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец ќе формира и работна група за доближување на ставовите, додека пратеникот на ДУИ, Артан Груби, рече дека недоразбирањата меѓу владините партнери се вистински и искрени, кои настануваат поради разликите и приоритетите на партиите во нивните програми.