Силни израелски напади го погодија Техеран, додека сојузниците на Иран изведуваат напади низ земјите од Персискиот Залив, а пловидбата низ Ормускиот теснец е сериозно нарушена, што доведе до нагло зголемување на светските цени на нафтата. Во меѓувреме, политичкиот притисок во Вашингтон расте додека конфликтот се шири низ регионот.
Еве што се знае за настаните, поврзани со војната во Иран, во изминатите 24 часа, сумира „Ал џазира“.
Врховниот лидер се огласи во Иран
Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, назначен минатата недела по атентатот врз неговиот татко, ја објави својата прва изјава, предупредувајќи дека нападите врз Израел и американските воени цели и инфраструктура на Блискиот Исток ќе продолжат доколку не се затворат базите во регионот каде што се стационирани американски сили. Лидерот не се појави лично.
„Врховниот лидер е ранет“
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и претседателот Доналд Трамп изјавија дека веруваат оти Хамнеи е ранет.
– Знаеме дека новиот таканаречен, не баш врховен лидер е ранет и веројатно обезличен – рече Хегсет.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „голема чест“ што е одговорен за убиството на раководството на Иран, нарекувајќи ги „пореметени криминалци“.
Експлозии на митинг во Техеран
Експлозии одекнаа во близина на провладин митинг во Техеран на кој присуствувале високи функционери, меѓу кои шефот на безбедноста Али Лариџани, претседателот Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Арагчи. Загина најмалку еден човек додека Израел и Иран разменуваа нови напади.
Иран вети дека ќе им даде „незаборавна лекција“ на САД и Израел, додека Револуционерната гарда предупреди дека секој протест ќе биде задушен уште пожестоко отколку во јануари.
Иранското Министерство за здравство соопшти дека од 28 февруари во американско-израелските напади се убиени најмалку 1.444 луѓе, а 18.551 се ранети, со жртви на возраст од осум месеци до 88 години.
Што се случуваше во земјите од Персискиот Залив?
Иран лансираше бранови дронови и ракети кон земји од Персискиот Залив каде што има американски воени бази и сили, а беа таргетирани и нафтени танкери и инфраструктура.
Двајца загинаа откако безбедносните сили пресретнаа дрон во близина на индустриска зона во северен Оман, соопштија државните медиуми.
Бахреин соопшти дека пресретнала 114 ракети и 190 дронови од почетокот на војната на 28 февруари.
Војската на Саудиска Арабија пресретна 10 дронови над источниот дел на земјата, а подоцна уништи уште 28 дронови кои влегле во нејзиниот воздушен простор.
Обединетите Арапски Емирати остро ги осудија иранските напади во регионот и соопштија дека биле погодени Меѓународниот аеродром во Дубаи и неколку хотели.
Австралија им нареди на сите „неесенцијални“ службеници да ги напуштат ОАЕ и Израел, а на своите граѓани им препорача да го напуштат Блискиот Исток додека тоа сè уште е безбедно.
Воздушниот простор на Катар е официјално затворен, но „Катар ервејс“ организираше повеќе од 140 специјални летови за враќање на заглавени жители и граѓани. Катар, исто така, ги отфрли тврдењата на израелските медиуми дека намерно го паузирал производството на течен природен гас за да влијае врз цените на енергенсите во САД. Официјалните лица појаснија дека прекинот бил предизвикан од ирански напад со дрон.
Што се случуваше во Америка?
САД планираат да распоредат експедициска единица на маринците од околу 2.200 војници од Окинава, Јапонија, на Блискиот Исток за поддршка на воените операции и евакуациски мисии.
Повеќе од 250 американски организации потпишаа писмо до Конгресот со кое бараат запирање на финансирањето на војната. Според нив, 11,3 милијарди долари, потрошени во првите шест дена од конфликтот, ги одземаат средствата од важни домашни програми, како помошта за храна.
Американскиот сенатор Линдзи Греам ја намали веројатноста за распоредување американски копнени сили во Иран, но предупреди дека конфликтот може да трае.
– Не гледам дека овој конфликт ќе заврши денес – изјави тој во Вашингтон.
Американската армија распореди 10.000 пресретнувачки дронови „Меропс“ на Блискиот Исток. Тие чинат околу 14.000–15.000 долари по дрон и се сметаат за поевтина алтернатива на скапите ракетни системи за противвоздушна одбрана.
Што се случуваше во Израел?
Израелската армија соопшти дека Иран рано денеска лансирал нов бран ракети кон Израел и им нареди на жителите во погодените области да се засолнат.
Израелската војска соопшти дека погодила контролни пунктови во Техеран поставени од силите Басиж, дел од Иранската револуционерна гарда.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел може да создаде услови за промена на режимот во Иран, но дека на иранскиот народ е да излезе на улиците.
Тој додаде дека Израел се обидува да спречи Иран да ги премести своите нуклеарни и балистички програми под земја.
Американски авион падна во Ирак
Сите шест членови на екипажот загинаа кога авион за воздушно полнење гориво KЦ-135 се урна во западен Ирак, соопшти американската војска. Командата на САД (СЕНТКОМ) изјави дека падот не бил предизвикан од непријателски оган.
Ирак ги затвори своите пристаништа откако индиски член на екипаж загина при напад врз американски нафтен танкер во ирачки води.
Ирански дрон е одговорен за смртта на француски војник во автономниот курдски регион во Ирак – првата француска жртва во војната, соопшти неговиот командант.
Во регионот се регистрирани повеќе напади што се припишуваат на проирански вооружени групи.
Расте бројот на жртви во Либан
Либанските власти соопштија дека од минатиот понеделник најмалку 687 луѓе се убиени во израелските напади врз Либан, меѓу кои 98 деца. Интензивните бомбардирања доведоа до раселување на 700.000 до 750.000 луѓе.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш пристигна во Бејрут во „посета на солидарност“ со Либан.




