Алијансата за Албанците останува во владината коалиција, а за новиот министер за здравство ќе се одлучи на партиските органи.
-Ќе поставиме човек којшто ќе ни го обели образот како што беше Арбен Таравари, изјави вечерва лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села.
Во емисијата „Патот кон“ на телевизија Алсат – М, Села истакна дека ја застапува идејата министер за здравство повторно да биде доктор.
– Имаме доволно кадри не само за Министерството за здравство, туку за секое министерство кадешто има потреба. Името на новиот министер треба да се дискутира во раководството на партијата. Јас сум за идејата да биде доктор, рече Села.
https://www.facebook.com/AlsatMTelevision/videos/554505564885669/
Во врска со парламентарното мнозинство, Села смета дека тоа може само да се прошири, но не и да се намали.
-Ние сме дел од владата бидејќи преземавме обврски за продолжување на реформите и за да бидеме во владата како дел што секогаш ќе алармира кога оваа влада ќе изгледа како минатата. Ние во моментов сме дел од Владата. Единствениот политички чинител во Владата кој сака Алијансата за Албанците да не биде таму, да нема владина коалиција е ДУИ и Али Ахмети. Ова беше кажано повеќе пати во текот на кампањата, дури имаше и констатации дека Алијансата ја напуштила коалицијата, вели Села и додава:
-Желбата на ДУИ, Алијансата да ја напушти Владата може да се исполни само ако извршната власт почне да личи на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.