Кејт Мари Бурнс ќе биде нова амбасадорка на САД во Македонија. Нејзината номинација од претседателот Доналд Трамп ќе треба да биде одобрена од Сенатот на САД.

Кејт Мари Бурнс

Во номинацијата се наведува дека Бурнс е дипломат од кариера, ветеран со 24 годишен стаж. Досега работела како советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид- Шпанија, виш цивилен претставник на Стејт департментот во оперативната група Бастон/Бронко на аеродромот Џалалабад – Авганистан и советник за односи со јавност во Мисијата на САД во НАТО.

Бурнс има магистерска од Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон. Зборува шпански, унгарски и турски јазик. Од септември 2017 година таа работи на позицијата заменик-амбасадорка во Американската амбасада во Атина.

Гласот на САД од Виена

Еден детаљ од професионална биографија покажува дека нејзиното доаѓање во Македонија може да биде изненадување само за оние кои не ги следеле внимателно политичките случувања во земјава од Пржино до денес. Токму Бурнс активно е вклучена во изразување на американските ставови изминатите две години – од Пржинскиот договор, СЈО, политичката криза предизвикана од одолговлекувањето на Иванов да го даде мандатот на Зоран Заев да формира влада, до настаните од 27 април.

Кејт Мари Бурнс беше заменик шеф на мисијата на САД во ОБСЕ. Токму од Виена, каде што беше нејзиното работно место, таа во неколку наврати преку изјави и соооштенија го пренесуваше ставот на американската администрација, последниве две години, во контекст на политичката криза.

-САД од блиску ги набљудува настаните во Македонија. Откритијата од минатата година, во снимките добиени од нелегални прислушувања, отворија сомнеж за можни изборни измами, манипулации во медиумите и корупција сугерирајќи неуспех во придржувањето на обврските на ОБСЕ, рече Бурнс во февруари 2016 година во обраќањето за политичката криза во Македонија во Виена.

Обраќајќи и се на тогашната власт на ВМРО ДПМНЕ таа ги потсетува дека не ги исполниле обврските Договорот од Пржино и посебно укажува дека треба да го поддржат СЈО.

-Изјавите на една политичка партија, ВМРО-ДПМНЕ, и нејзините лидери кои ја напаѓаат работата на Специјалната обвинителка се уште еден извор на загриженост. Ние ги повикуваме сите политички партии, кои едногласно се договорија за именувањето на г-ѓа Катица Јанева, јавно да ја поддржат работата на Специјалната обвинителка во текот на сите фази на нејзината работа, рече тогаш Бурнс.

 

Во нејзината изјава од јули 2016 како реакција на неодамна објавениот Финален извештај на ОБСЕ за набљудувањето на предизборниот период за предвремените парламентарни избори во Македонија кои беа закажани за април и јуни, но беа одложени Бурнс потсетува дека актуелната политичка криза во Македонија „беше предизвикана од обвинувањата за злоупотреба на власта и можно криминално однесување, како и наводите на извршната власт за мешање во судската и обвинителската работа“.

-Политичките лидери се обидоа да се мешаат во Канцеларијата на Специјалното обвинителство и да ја компромитираат нејзината независност. Овие активности ги успоруваат напорите да се дојде до неопходната одговорност за скандалот со прислушувањето и создаде облак од неизвесност околу статусот на помилувања поврзани со скандалот, изјави тогаш Бурнс.

Критики за Иванов

Во март 2017, Мисијата на САД во ОБСЕ упати жестока порака до претседателот Иванов, кој во тоа време беше актер во владината и сеопфатна политичка криза, предизвикана од неговото одбивање да го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, нарекувајќи ја одлуката недемократска.

-САД се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да се формира новата влада на претставниците кои имаат јасна парламентарно мнозинство. Ние сметаме дека оваа одлука не е во согласност со заложбите на ОБСЕ, основните демократски принципи и владеењето на правото, што се основни вредности на оваа организација…Ја повикуваме Владата, политичките лидери и партиите да се воздржат од напади врз организациите од граѓанското општество и да помогнат да се обезбедат услови и поддршка за независните гласови и институции да ја извршуваат својата работа. Во исто време, ги повикуваме соседите на Македонија да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овој момент на зголемена политичка чувствителност во земјата, се вели во пораката од Бурнс.

Една недела подоцна истата порака, таа лично му ја пренесе и на екс министерот за надворешни работи Никола Попоски, како одговор на неговиот говор на министерскиот состанок на ОБСЕ во Виена, дека “САД и натаму се разочарани што претседателот Иванов одби да ја понуди можноста да се формира новата влада на парламентарците кои имаат јасно мнозинство“.

 

Ставот дека нема толеранција за насилство во демократските процеси, и дека секој кој извршил, организирал или наредил напад врз пратениците, треба да одговара, Бурнс во мај 2017 му го пренесе и на претседавачот со ОБСЕ, Австрија во врска со насилствата во Парламентот на 27 април.

– Остро го осудуваме насилните напади врз пратениците во македонскиот Парламент кои се случија по изборот на Талат Џафери за нов спикер. Ќе работиме со него и Парламентот за поддршка на демократијата и да и помогнеме на Македонија да се движи напред кон европскиот пат. Нема прстор за насилство во демократскиот процес. Изразуваме длабока солидарност со повредените пратеници и другите повредени. Бараме од властите да гарантираат безбедност за пратениците, темелно да ги истражат нападите и секој кој извршил, организирал или наредил напад, да одговара, изјави тогаш Бурнс.

Неколку месеци подоцна, во септември 2017 година Бурнс доаѓа во Атина каде се уште ја изврпува функцијата заменик амбасадор на САД во Грција.

Таа ќе го замени актуелниот амбасадор Џес Бејли, исто така дипломат од кариера, кој на оваа функција беше номиниран од претходниот американски амбасадор Барак Обама во 2014 година.