Домашна платежна картичка користат 305.000 граѓани, до 1 август се издадени во вредност од 26,7 милиони евра од кои граѓаните потрошиле околу 23 милиони евра, објави министерката за финансии, Нина Ангеловска на нејзиниот Фејсбук профил.

Со картичките, истакна таа, се реализирани над 1,7 милиони транскации. Најголем дел од нив во маркети (89 отсто), пет отсто во ресторани и за храна и три отсто за текстил, облека и обувки.

Ангеловска потенцира дека домашнaта платежна картичка има повеќекратен бенефит за граѓаните и економијата. Преку неа се поддржува приватната потрошувачка, се поддржуваат домашните производители и услужни дејности, се придонесува за раздвижување на економската активност и на безготовинско плаќање.

Граѓаните-корисници кои не ја подигнале својата Домашна платежна картичка можат сè уште да го направат тоа до 15 август, кога е крајниот рок за нивно користење, потсетува Ангеловска.