Ќе завршиме одлична работа ако освоиме најмалку три бода, под тој праг ќе бидам незадоволен, нагласи селекторот на македонската фудбалска репрезентација за дуелите против Израел во Бер Шева на 5 септември и против Летонија во Рига на 9 септември во квалификациите за ЕП 2020. За „врзаните“ гостувања скрои список со 23 играчи меѓу кои еден е дебитант (Влатко Стојановски од францускиот прволигаш Ним), двајца се повратници (Иван Тричковски и Стефан Спировски). Опции овојпат нема да бидат Стефан Ристовски (повреда) и Ферхан Хасани (нерешено клупско прашање) како и Дарко Чурлинов кој е ставен на располагање на младата селекција.
„Би бил задоволен од две работи. Ако бидеме на нивото од претходните натпревари, не сметајќи го мечот со Австрија, и ако освоиме најмалку три бода. Со помалку од три бода ќе бидам незадоволен“, порача Ангеловски.
Собирот на фудбалерите е планиран во понеделник во хотел „Парк“ во Скопје. Почетокот на подготовките ќе мине без голманот Столе Димитриевски и крилните фудбалери Иван Тричковски и Александар Трајковски, напаѓачот Илија Несторовски и капитенот Горан Пандев кој поради клупски обврски ќе се приклучат во репрезентативната база во Ашдод, Израел.
Повикани фудбалери во македонската репрезентација за мечевите со Израел и со Летонија во квалификациите за ЕП 2020
Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано/Шпанија), Дејан Илиев (Серед/Словачка), Дамјан Шишковски (Работнички)
Одбрана: Езџан Алиоски (Лидс јунајтед/Англија), Висар Муслиу (Види МОЛ/Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Дарко Велковски (Риека/Хрватска), Кире Ристевски (Ујпешт/Унгарија), Ѓоко Зајков (Шарлроа/Белгија)
Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб/Хрватска), Енис Барди (Леванте/Шпанија), Елиф Елмас (Наполи/Италија), Бобан Николов (Види МОЛ/ Унгарија), Стефан Спировски (Ференцварош/Унгарија), Кире Маркоски (АЕЛ Лимасол/Кипар), Марјан Радески (Шкендија), Љупче Дориев (Академија Пандев)
Напад: Горан Пандев (Џенова/Италија), Александар Трајковски (Мајорка/Шпанија), Илија Несторовски (Удинезе/Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака/Кипар), Крсте Велкоски (Сараево/БиХ), Влатко Стојановски (Олимпик Ним/Франција)