Хакерската група „Анонимуси“ му порача на српскиот претседател Александар Вучиќ да ги очекува, тврдејќи дека ја срушиле веб-страницата на Вооружените сили на Србија, јави телевизијата Ал Џезира. 

Во низа твитови порачаа дека ова е само почеток и дека наскоро јавноста и Вучиќ ќе бидат сведоци на „вонредни изненадувања во нивно име“.

Реакцијата на оваа хакерска група дојде откако српскиот претседател објави фотографија на Инстаграм како си игра со кучиња, со порака: „Се подготвуваме да се бориме против Анонимуси“.

„Бидејќи сте подготвени да не предизвикате, ние ќе ви ја исполниме желбата. Ова е само почеток, наскоро ќе бидете сведоци на несекојдневни изненадувања во наше име. Очекувајте не“, се вели во еден од твитовите на хакерската група.

Хакерската група „Анонимуси“, позната по бројните хакерски напади ширум светот, на крајот на декември ги упати првите закани до претседателот Александар Вучиќ дека, доколку не ги прекине „акциите на Косово“, народот на Косово нема да биде без поддршка, пренесе агенцијата Танјуг.