Австрискиот канцелар Кристијан Керн најави дека европските лидери ќе почнат разговор за прекинување на преговорите со Турција за пристап во Европската Унија.
Унијата е загрижена поради ударот на осомничените дисиденти по неуспешниот воен пуч во Турција и најавите на претседателот Реџеп Таип Ердоган за воведување на смртна казна, што за Брисел е неприфатливо.
Канцеларот Керн во интервју за австриската радиотелевизија рече дека демократските стандарди во Турција не се доволни за да го оправдаат нејзиниот влез во Унијата, а подеднакво важно е и економското прашање, бидејќи турската економија е под европскиот просек.
На прашањето дали Австрија на состанокот на Европскиот парламент следниот месец, ќе предложи прекин на преговорите со Турција, Керн рече дека за тоа ќе започне разговор и ќе се бара алтернативен концепт.