Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во вечерашното гостување во емисија на Алсат Телевизија се осврна на ефектите и обемот на мерките кон граѓаните и компаниите.

„Сите мерки што ги презедовме чинат 760 милиони евра и тоа не е се за плаќање на елелтрична енергија. Иако претходно не сме го збореле, вечерва ќе дадам еден податок што секој граѓанин треба да го знае. Средствата што ги даваме за регулираниот пазар на електрична енергија значи дека секој еден наш граѓанин добива 6.800 денари годишно субвенции за струја или секое едно домаќинство добива по 21.000 денари субвенции за струја за оваа година“ порача вицепремиерот Битиќи додавајќи дека малите компании исто така добиваат субвенционирана електрична енергија по цена од 220 – 260 евра за мегават час, додека берзанската цена е околу 500 евра.

Вицепремиерот порача дека бизнисите сакаат стабилност и предвидливост и дека тоа го добиваат со тоа што се на регулираниот пазар на електрична енергија.