Блеф или ќе остане доследен? – Дали цената на билетите за мечот меѓу Вардар и Фенербахче во плеј-офот за УЕФА Европа лигата е алиби за прекинување на спонзорство во спортот во однапред планирано сценарио, дали се променија условите во бизнис и политичката сфера на влијание и интерес или, пак, навистина е дотолку погоден од „отровните“ стрели што кон него беа упатени преку медиуми и, особено, социјалните мрежи?
По веста на денот во која рускиот магнат Сергеј Самсоненко најави повлекување од трите македонски шампиони во фудбал и ракомет, од кои еден и европски, се појавија уште „1.000 зошто“, но наместо „1.000 затоа“, од негова страна се нотирани три- навреди, линч, омаловажување од поединци и медиуми во изминатите денови.

Самсоненко повеќе од една деценија е присутен во Македонија. Неговите почетоци во земјава датираат од 2006 година. Во прво време делуваше тивко и далеку од очите и ушите на јавноста. Вниманието го привлече во 2012 година со преземање на женската екипа на Вардар. Наредната година под свое ја стави и машката (дотогаш со наставка ПРО), што беше управувана од Михајло Михајловски. Притоа најави можност за спонзорство и на истоимениот фудбалски клуб (дотогаш беше на Град Скопје). што и го реализира по неколку месеци на задоволство на армијата аполитични и искрени симпатизери на клубот и фудбалот кои го доживеаја како најубава новогодишна честитка.

Паралелно со кадровското воздигнување на трите клуба, се одеше и со инфраструктурно. По принципот на јавно-приватно партнерство, ракометното семејство доби од темел нов дом на местото на старата сала „Јане Сандански“ во општина Аеродром, а фудбалското тренинг комплекс во Хиподром и Академија во крај помошното игралиште на „Телеком арена“ во Градски парк. Како се зголемуваше неговиот обем на активности во Македонија, така стануваше се поголем и интересот во јавноста кој е, што е, со какво минато е, со какво потекло се инвестираните средства, итн.
Самсоненко во дел од јавноста важеше и сè уште важи за близок до ВМРО-ДПМНЕ, за дел, пак, неговите бизнис и политички релации со одредена група на луѓе паѓаа во втор план пред спортските моменти на радост и среќа што ги приредуваа, особено ракометарите и ракометарките. Иако никогаш јавно не го призна тоа, сепак, појавувањето во рекламен спот на поранешната партија на власт само ги подгреа сомнежите за флерт со претходната владеачка гарнитура и бенефициите што притоа ги ползуваше. Патем никогаш и не излезе од сенка на озборувањата што цело време беа јавна тајна за народот.

Што ја прели чашата кај Самсоненко за одеднаш да дигне „рачна“ и рече „доста е“. Дали е пробен балон за амортизирање на незадоволството кај одредена групација (читај „Комити“) кои по дознавањето на цената на билетите за мечот со Фенербахче реагираа како да подготвуваат „востание“ против главниот спонзор и членовите на управата. Болката особено ја насочија кон нивните сознанија за отстапување на Јужната трибина на навивачи на турскиот клуб.

Извори од клубот, пак, велат дека тоа е манипулација од одредени медиуми и оти блоковите 1, 2 и 3 биле за домашна публика, блокот 4 било планирано да биде празен поради казната од УЕФА и како таков да претставува тампон зона при евентуално пополнување на „петката и шестката“ (сектори кон Источната трибина) со фанови на гигантот од Истанбул. Доколку, се разбира, имало интерес. Во спротивно било планирано и тие да бидат понудени на фанови на „црвено-црните“.

Од клубот, сепак, не кријат и незадоволство од односот на дел од навивачите кои со своето однесување ја олеснија вардаровата сметка за 77.000 евра по основ на казни кон Европската фудбалска асоцијација (УЕФА). Повеќе од половина од сумата (55.000 евра) отпаѓа на реваншот со Малме во Струмица во рамки на второто квалификациско коло за Лигата на шампиони (ЛШ) поради лоша организација, фрлање на тврди предмети од трибините, инцидент меѓу гледачите, блокирање на скалите и попречување при движење на гледачи, недолично однесување и скандирање против УЕФА и употреба на пиротехнички средства.
Вардар се најде на тапет во Нион и по првиот меч со Копенхаген, на „Телеком арена“, во третото коло квалификации за ЛШ. Македонскиот првак е казнет со 22.000 евра за седење на скали и попречување на движење на публика, употреба на пиротехника и истакнување на националистички знамиња во блокот 4 на Јужната трибина (фронт и неонацистички крст) како што стои и на официјалната интернет страница на „црвено-црните“.

И додека одлуката за повлекување на Самсоненко од трите клуба се толкува како дел од некаков план за излез од спортот, во јавноста се општо распространети неколку тези во зависност на чија страна натежнуваат „разгласувачите“. За едни е прифатлива верзијата дека со падот на претходната Влада, опаднале и изворите за стекнување и вложување на пари со, за нив, сомнително потекло, други за целокупната ситуација вперуваат прст во актуелната власт, за трети, пак, е нормално што Самсоненко најави повлекување што директно го поврзуваат со смената на власта. Во сите провејува политичка нишка, дали спортот добива или губи никој притоа не помислува.
Медиумите во Русија лани пишуваа за бизнис намерата на Самсоненко да вложи околу 30 милиони евра за изградба на болница и породилиште во неговиот роден Ростов на Дон заедно со македонскиот партнер Јордан Камчев. Актуелниот спонзор на Вардар, минатиот месец доби потпретседателска функција и во Ракометната федерација на Русија, но и улога на координатор на националните селекции. И тоа не беше се. Сергеј Самсоненко, преку неговата компанија „Бетсити“ со седиште во Ростов, во јуни потпиша партнерски договор со рускиот фудбалски гигант ЦСКА Москва за времетраење од пет години.