На крајот од официјалната посета на Бугарија, премиерот Димитар Ковачевски беше примен од лидерот на бугaрската партија ГЕРБ, Бојко Борисов.

На средбата од бугарска страна присуствуваа двајца поранешни министри за надворешни работи, Екатерина Захариева и Даниел Митов, како и поранешниот вицепремиер Томислав Дончев, јави дописникот на МИА од Софија.

Уште на почетокот на средбата, Борисов ја нагласи улогата на Бугарија за рестартирање на процесот на евроинтеграции на Западен Балкан, кое започна за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година.

Тој, исто така, нагласи дека целиот демократски западен свет го прифатил потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија во август 2017 година од Борисов и поранешниот премиер Зоран Заев.

За време на разговорот со македонската делегација, Борисов кажа дека Скопје не треба да ги одложува клучните теми за крај.

„Тоа беше наша грешка. Важните прашања поврзани со историјата и јазикот на омразата треба да ги решите веднаш. Фатете го бикот за роговите. Решете ги веднаш“, истакна Борисов.