Европската комисија одлучи да препорача да им се даде статус кандидати за членство на Украина и Молдавија, две поранешни советски републики. Кандидатурата на Грузија, засега, е одбиена.
Претседателката Урсула фон дер Лејен изјави дека Комисијата предлага „на Украина да ѝ се даде кандидатски статус. Ова, секако, на разбирање дека земјата ќе спроведе бројни дополнителни реформи“.
– Од гледна точка на Комисијата, Украина јасно ги покажа аспирацијата и решеноста да ги исполни европските стандарди – додаде Фон дер Лејен.
Според ДПА, ЕК предлага статус кандидат за во ЕУ и за Молдавија.
Украина аплицираше за членство откако Русија ја започна инвазијата врз земјата кон крајот на февруари. Потоа следуваа и барања за членство од Молдавија и Грузија.