Виртуелниот часовник на резиденцијата на британскиот премиер означи на полноќ крај на членството во ЕУ и почеток на нова неизвесна етапа. Три и пол години откако поголемиот број граѓани на референдумот одлучија дека сакаат нивната земја да ја напушти Европската унија, во тишина во Брисел по 47 години е спуштено знамето на Велика Британија. Немаше ниту фанфари, ниту официјални лица, само се слушаа блицевите на фотоапаратите.

ЕУ губи 15 отсто од својата економија, најголемиот воен потрошувач и престолнината на светскиот капитал Лондон. Британија беше втор финансиски контрибутор и со заминувањето остава дупка од 10 милијарди евра во буџетот на ЕУ.

Додека приврзаниците на Брегзит во Лондон славеа „враќање на независноста“, а приврзаниците на Унијата „тагуваа“, премиерот Борис Џонсон вети нов почеток.

Им се обрати на сонародниците еден час пред полноќ и порача: „Ова не е крај, туку почеток“ и додаде дека ги разбира нивните измешни чувства.

По излегувањето од Унијата, во Велика Британија настапува период на транзиција, кој подразбира дека таа земја до 31 декември 2020 година ќе остне членка на единствениот ЕУ пазар и царинската унија, што значи дека ќе мора да ги почитува трговските закони и законите за слобода на движење. Европската комисија следната недела би требало да ги усвои и претстави директивите за преговори за идните односи со Британија.

За време на периодот на транзицијата Британија ке остане тесно поврзана со ЕУ, но до 31 декември ке биде направен нов трговски и безбедносен договор, како и закони за имиграција. Во овој период во траење од 11 месеци ќе следат многу промени кои ке се одразат на патувањето од таа земја и кон неа.

На самиот почеток нема да има промени, европските посетители и натаму ке патуваат со личните документи и електронски патни исправи, но дури и ако биде постигнат договор до крајот на годината, можно е странските патници да мора да користат посебни линии на аеродромите и траектните терминали.

Британија веќе нема право на гглас во Европскиот парламент, ниту британските министри ќе присуствуваат на состаноците на високо ниво. А доколку за 11 месеци не се постигне договорот, Британија че се соочи со зголемување на цените на храната, лековите и други добра.

Фараж – главниот архитект на Брегзитот

Можеби најсреќниот во моментов е Најџел Фараж, кој вложи 30 години од својата политика кариера во кампањата за Брегзит. Ако некој може да се нарече татко, тоа е тој. Без оглед што и премиерот Борис Џонсон со истата жар го држеше курсот кон Брегзит.

„Тој е одговорен за интегрирање на евроскептицизмот, спроведување на референдумот 2016 година и гласањето во корист на Брегзит, а никогаш не стигна до Долниот дом“, посочи во една прилика Метју Гудвин, академик кој го проучуваше подемот на Фараж.

За време на кампањата за Брегзит ги менуваше улогите, како што пишуваат аналитичарите, но целта остануваше иста. Беше потпретседател на групата „Заминување значи заминување“, која лобираше за излегување на Британија од европското семејство. Тој е еден е од основачите и челници на УКИП (партијата за независност на Обединетото кралство) и пратеник во Европскиот парламент.

Евроскептичната, десничарска и популистичка партија, која ја водеше три пати од незјиното основање 1993 година, го постигна најголемиот успех во средината на 2010 година како најголема британска партија во Европскиот парламент. Во клупите на ЕП прв пат седна во 1999 година, а до денес, поради редовниот судир со ЕУ естаблишментот, остана еден од најпечатливите пратеници.

„Кога реков дека сакав да водам кампања за излегување од ЕУ сите ми се смеевте. Па мора сега да забележам дека сега не се смеете“, им кажа на европратениците откако Британците и официјално и кажаа „не“ на Унијата.

Откако УКИП одигра клучна улога на референдумот, улогата на партијата во политичкиот живот на Фараж престанува. Веќе во декември истата година ја напушти партијата со оценка дека УКИП не може да ја води Велика Британија кон нејзиното отстапување од ЕУ.

Со негова помош се основа партијата Брегзит во февруари 2019 година, а само четири месеци потоа, партијата по резултатите се најде во врвот на парламентарните избори истата година. Тоа го прати по петти пат во Стразбур на позицијата пратеник.

Дел од аналитичарите сметаат дека неговата кариера не е завршена со завршувањето на неговата главна мисија. Според најавите тој би требало како голем пријател на Трамп да му помогне во претсојната кампања за американските избори. Покрај тоа во Велика Британија, според проценките, има простор за собирање политички поени и веројатно нова трансформација на партијата. Но сега кога целта е постигната клучното прашање е што е следното на неговиот репертоар.

 

Премиерката на Шкотска најави развод од остатокот на Британија

 

И додека Фараж и Џонсон слават во Шкотска сосема поинаква слика.

„Ќе се вратиме во срцето на Европа како независна држава“, напиша на „Твитер“ премиерката Никола Стерџон.

Таа неколку часа пред Брегзитот да стапи на сила, говореше за можноста за нов „развод“, овој пат помеѓу Шкотска и остатокот од Велика Британија.

Таа рече дека Брегзит е значаен момент за Велика Британија и за Шкотска.

„Велика Британија вечерва ќе ја напушти Европската унија. Тоа ќе биде момент на вистинска и длабока тага за многумина од нас ширум Велика Британија. А овде во Шкотска, со оглед на тоа што Брегзит се случува против волјата на огромното мнозинство од нас, тагата ќе биде опфатена од гнев. Последиците ќе бидат значајни, дури и ако не се почувствуваат веднаш“, рече таа во очи одбројувањето за излез на Велика Британија од Унијата.

И владејачката Национална партија на Шкотска се огласи на „Твитер“ по брегзитот.

Тие објавија фотографија на која се гледа симболично вклучено светло со порака: „Шкотска ѝ испрати порака на Европа во Брисел“, како дел од кампањата #LeaveALigthOn (оставете вклучено светло).

Пораката всушност е изјава на шкотскиот парламентарец Алин Смит, кој ја повика ЕУ да остави вклучено светло за да може Шкотска да го пронајде патот до дома.

Меркел: Длабок рез за Германија и Европа

Брегзит претставува „длабок рез“ за Германија и низ цела Европа, нагласи германската канцеларка Ангела Меркел денеска  додавајќи дека очекува „интензивни“ преговори за идните односи со Велика Британија.

„Германија сака да остане близок партнер и пријател на Велика Британија“, рече таа во видео пораката објавена само неколку часа пред излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

Во исто време, таа истакна дека Европа ќе ги брани своите интереси, особено интегритетот на европскиот единствен пазар во тешки преговори што ќе следуваат оваа година во дефинирањето на идниот трговски однос меѓу блокот на преостанатите 27 земји и Лондон.

Таа истакна дека тие преговори ќе ја одбележат оваа година и дека очекува интензивни преговори, упатувајчи предупредувања до Британците.

„Колку повеќе Британците ќе се оддалечуваат од условите на единствениот пазар, толку повеќе ќе се променат нашите идни односи“, потенцира таа.

 

Макрон: Историски аларм за ЕУ

 

Не можете да бидете и внатре и надвор. Британскиот народ избра да ја напушти Европската унија. Нема да имате исти обврски, но нема да имате ниту исти права, истакна синоќа претседателот на Франција, Емануел Макрон во телевизиското обраќање до нацијата.

Тој нагласи дека во идните преговори околу односите на Британија и ЕУ ќе ги штити интересите на француските работници, рибари и земјоделци.

„И во тие преговори ќе бидеме сложни, ние сите 27 членки“, нагласи францускиот претседател.

Макрон го нарече Брегзит „шок“ и „историски алармен сигнал“, кој треба да ја принуди ЕУ да се поправи. Тој повика на воспоставување „појасен европски проект“, кој ќе биде поедноставен за граѓаните на ЕУ.

„Ова е тажен ден, тоа не можеме да го скриеме, но исто така и ден кој треба да не наведе да работиме поинаку“, порача Макрон, кој го зема Брегзит како примиер и за тоа до што може да доведат лажните пораки упатени од политичарите.