• 1,7 милијарди луѓе живеат под популистички лидер на почетокот на 2023 година, во споредба со 2,5 милијарди во 2020 година.
  • Популизмот е дефиниран со две тврдења: 1. „Вистинските луѓе“ се во конфликт со „аутсајдерите“ и 2. Ништо нема да ја ограничи волјата на „вистинскиот народ“.
  • Три категории популизам: Културен, социоекономски и анти-естаблишмент 

Бројот на популистички лидери ширум светот падна на најниско ниво во последниве 20 години, по серијата победи на прогресивците и центристите во текот на изминатата година – ова го покажува анализата на Институтот Тони Блер според која бројот на луѓе кои живеат под популистички режим е намален за 800 милиони за две години. Анализата ја објави угледниот лондонски Гардијан, во текст под наслов „Бројот на популистички лидери најнизок во последниве 20 години“.

Во истражувањето, кое го пренесе ЦивилМедиа, се прогнозира дека 2023 година би можела да биде исто така пресудна за популизмот, поради критичните избори во Турција и Полска. Изборите во овие земји би можеле да доведат до пад на две од највлијателните популистички влади во светот, иако тоа би значело поделените опозициски партии во двете земји да формираат појасни коалициски програми во споредба со претходно.

Губитници: Болсонаро, Јанша, Дутерте, Раџапакса

Од популистите кои ја загубија власта – Бразилецот Жаир Болсонаро и Словенецот Јанез Јанша беа поразени на релативно тесни избори во 2022 година, додека Родриго Дутерте од Филипини беше ограничен на еден мандат и не можеше да се кандидира за реизбор. Во Шри Ланка, Готабаја Раџапакса беше протеран од функцијата преку демонстрации.

Жаир Болсонаро, Бразил (Wikimedia Commons)

Споредба: 1,7 милијарди луѓе живеат под популистички лидер на почетокот на 2023 година, во споредба со 2,5 милијарди во 2020 година

Во извештајот се вели и дека 1,7 милијарди луѓе живеат под популистички лидер на почетокот на 2023 година, во споредба со 2,5 милијарди во 2020 година. Се вели дека популизмот и од левата и од десната страна е дефиниран со две тврдења – дека „вистинските луѓе“ на една земја се затворени во морален конфликт со „аутсајдерите“ и, второ, дека ништо нема да ја ограничи волјата на „вистинскиот народ“.

Голем дел од падот на популизмот се должи на поразот на Болсонаро во Бразил, но и со изборот на генерација умерени левичари низ Латинска Америка кои „ја отфрлија популистичката реторика и се фокусираа на прогресивни економски и социјалните права наместо историскиот фокус од популистичката левица на индустриската национализација“, се вели во извештајот.

Популизмот во САД

Се забележува дека на среднорочните (конгресни) избори во САД, мнозинството кандидати поддржани од Доналд Трамп, кои се залагаа за десничарски национализам и теории на заговор, не беа избрани и потфрлија во однос на умерените.

„Откако поразија неколку умерени републиканци на прелиминарните избори во сојузните држава, кандидатите на Трамп подоцна ги загубија повеќето од изборните трки во ноември, што републиканците ги чинеше загуба од неколку гувернери и неможност да обезбедат контрола врз Сенатот. Најзабележително, тие ги загубија сите избори на државно ниво за позиции кои вклучуваат изборна администрација во сојузните држави“, се вели во извештајот.

Нападот на Капитол, 6 јануари 2021 (фото извор: Wikimedia Commons)

„Додека Конгресот ги блокираше напорите на Трамп да ги поништи изборите во 2020 година, американските гласачи ги блокираа напорите на неговите следбеници да ги администрираат следните избори во 2022 година“. Но, извештајот предупредува дека овој пораз на Трамповото отфрлање на демократијата не мора да сигнализира и долгорочен пораз на културниот популизам низ САД.

Три категории популизам: Културен, социоекономски и анти-естаблишмент 

Извештајот нашироко го дефинира популизмот во три категории: културен популизам, кој има десничарска етно-националистичка привлечност; социоекономски популизам, кој им се допаѓа на оние од левицата; и анти-естаблишмент популизам, кој се фокусира на таргетирање на елитите.

Се вели дека културниот популизам сè уште има големо влијание во американската политика, без оглед на поразот на кандидатите поддржани од Трамп и сомнежите за неговите шанси на изборите во 2024 година, посочувајќи на ставовите на Рон ДеСантис, кој најверојатно ќе биде уште еден клучен конкурент. „Дури и ако Трамп загуби, културниот популизам веројатно ќе остане силен во Републиканската партија“, се вели во извештајот.

Извештајот „Одбиј и обнови: надградба на правилата на игра против популизмот“  тврди дека преостанатите примери на популистички влади ширум светот (седум од 11) речиси целосно се состојат од десничарски културни популисти, наспроти економски или анти-естаблишмент популисти.

Популистичките влади се неспособни

Kултурно-популистичките влади се мачат да формираат ефективни влади, особено кога се соочуваат со економски предизвици или сложени прашања како што е Ковид, се тврди во извештајот, посочувајќи дека четири од нив паднале од власт во 2022 година – во Бразил, Филипини, Словенија и Шри Ланка.

Извештајот, сепак, силно предупредува на прераните тврдења за пораз на популизмот, посочувајќи дека во 2022 година популистите беа дел од коалициите кои победија на изборите во Италија, Израел и Шведска. Марин Ле Пен беше поразена од францускиот претседател Емануел Макрон, но нејзината партија добро помина на парламентарните избори.

Британски предизвици

Во Обединетото Кралство, конзервативната партија најверојатно ќе се соочи со предизвик од популистичката десничарска партија Реформа ОК, која вети дека ќе постави кандидати против сите партии, наместо да продолжи со договорот од 2019 година да не се спротивставува на конзервативците на Борис Џонсон.

Најџел Фараж (Wikimedia Commons)

Партијата на Ричард Тајс најверојатно нема да освои место на следните избори, таа има околу 8% од гласовите, а најголемиот дел од нив би дошле од незадоволните конзервативни гласачи. Тие би можеле да имаат поголем успех ако Најџел Фараж, кој ги предводеше Партијата за независност на ОК и партијата Брегзит до поголем успех, се инволвира повеќе.

Антипопулистички правила на игра

Институтот тврди дека антипопулистичките мејнстрим партии треба да препознаат дека кога се на власт им требаат антипопулистички правила на игра кои се различни од оние што ги користат владејачките мејнстрим популистички партии.

Се вели дека мејнстрим партиите треба да имаат своја јасна, суштинска политичка агенда и да не се фокусираат на негативна кампања против популистичките предизвикувачи, бидејќи популистите секогаш ќе тврдат дека нивните суштински прашања се недоволно обработени од мејнстрим политиката. Извештајот вели дека мејнстрим партиите мора да сфатат дека гласачите се повеќе се уморни од реторичкиот вишок што ги игнорира проблемите со кои се соочува една земја.

Авторот Брет Мајер вели дека дека извештајот покажува тренд кон прогресивен центризам во голем број земји. „Центристите продолжија да ги повлекуваат наназад границите на популизмот во 2022 година, при што бројот на популисти на власт се спушти на најниско ниво во последните 20 години“, вели тој.

„Ова во голема мера се должи на успехот на прогресивниот центризам над популизмот низ Америка, бидејќи прогресивните централно-левичарски лидери ги заменија старите популистички левичари. Популизмот, исто така, претрпе значаен удар на среднорочните (конгресни) избори во САД“.

Неизвесни избори во Полска и Турција

Но, судбината на популизмот оваа година може да се преврти на изборите во Полска и Турција, каде владата на Реџеп Таип Ердоган е во голема опасност.

„До крајот на 2022 година, Турција имаше најдлабоки негативни стапки во светот кога е во прашање инфлацијата, а лирата беше најлоша на пазарите во развој во однос на доларот“, се вели во извештајот.

Во него се предупредува и дека турскиот претседател е подготвен да ги зголеми конфликтите со Грција или со Курдите за да поттикне националистичка поддршка.


Извор: The Guardian | Опремувањето на текстот (илустрации, меѓунаслови) е редакциско.

Извор Цивил медиа