Договорот меѓу Македонија и Грција има исклучително значење за демократската стабилност во регионот и за нашата заедничка евроатлантска перспектива. Затоа апелирам на сите граѓани на вашата земја, особено на Албанците кои живеат тука да дадат поддршка на историскиот Преспански договор, изјави денеска шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати на прес-конференцијата со неговиот македонски колега Никола Димитров.

– Сите се согласуваме дека Албанците кои живеат во Македонија ќе бидат огромни поддржувачи на процесите кои течат и уште еднаш сакам да апелирам да излезат масовно да учествуаат во изградбата на иднината и на подобар живот тука. Во оваа насока ќе продолжиме блиско да соработуваме со цел да создадеме што подобра и поинклузивна средина, рече Бушати.

Во однос на македонското малцинство во Албанија, Бушати рече дека се направени чекори напред со новиот Закон за малцинствата, со што, истакна тој, македонското малцинство е признаено како едно од малцинствата што составуваат поширок мозаик на малцинства во Албанија.

– Имаме воспоставено и соработка со општината Пустец, која е раководена од припадник на македонската заедница, со средбата која што беше меѓу премиерите во Пустец, состанокот меѓу двете Влади – сето тоа се позитивни чекори во оваа насока. Ова не се процеси кои може преку ноќ да се реализираат, но сепак од извонредно значење е насоката да биде вистинска и позитивна, оцени тој.

Во однос на положбата на Албанците во Македонија, Бушати рече оти тука има подобрена реалност, подобрена клима на соработка и на разбирање и подобра претставеност на Албанците, пред се, како што рече, преку позицијата претседател на Собранието и вицепремиер за европски прашања. Додаде оти очекува Законот за јазици што побрзо да стапи во сила.

– Пред нашите две земји се отвораат многу значајни хоризонти на соработка. Денес имаме многу посеопфатна инклузивна атмосфера, подобри меѓуетнички односи, го донесовте Законот за употреба на јазиците што овозможува на сите да се чувствуваат слободни граѓани со еднакви обврски и права, додаде Бушати.

Ја повтори поддршката што Албанија како членка на НАТО и ја дава на Македонија, и оти 2019 е многу значајна година за Македонија и ЕУ.

Рече оти со Димитров разговарале и унапредување на Преспанскиот регион, и оти заеднички со Грција работат на ревитализација на животот на пограничното население, како знак на пријателство меѓу соседските земји.

Шефот на дипломатијата Димитров посочи дека Македонија и Албанија сакаат заедничка европска иднина, и оти за Тирана е значајно Македонија да тргне напред во евроинтегративните процеси.

Истакна дека со Бушати разговарале за следната заедничка седница меѓу владите на Албанија и на Македонија, за инфраструктурното поврзување преку Коридорот 8.

За дијалогот Приштина- Белград

Ставот на Тирана е јасен – поддржуваме дијалог меѓу Косово и Србија, изјави денеска во Скопје албанскиот шеф на дипломатијата Дитмир Бушати по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Изјавата на Бушати беше дадена за ставот на Албанија во однос на можното прекројување на границите на Балканот, во контекст на можниот договор меѓу Србија и Косово.

– Ставот на Албанија во врска со ова прашање е јасен. Ние на систематски начин имаме давано поддршка на дијалогот меѓу Косово и Србија. Се надеваме и посакуваме овој дијалог да донесе договор што ќе биде прифатлив за двете страни, договор што би значел целосна нормализација на односите меѓу двете страни и договор што би отворил пат кон целосно помирување меѓу Србија и Косово, рече Бушати.

Посочи дека договорот што би се постигнал ќе треба да биде прифатен не само од двете страни што преговараат, туку и да биде согласно одредени принципи на меѓународното право, што, според него, се одразува и на потребата од една поголема стабилност во регионот.

– Сметам дека сржта на процесот на европската интеграција и трансформација на регионот е поврзан со трансформацијата на границите на конвенционален начин. Во овој контекст од исклучително значење е сите земји од регионот и нивните претставници да се сконцентрираат многу повеќе на влијанието што го имаат нашите политики, нашите дејствија врз граѓанинот отколку на прашања кои многу лесно можат да бидат предмет на погрешно толкување, оцени Бушати.

Тој посочи дека за време на посетата на Скопје со средбите со македонските претставници разговарале за развојот на позитивните односи меѓу сите земји во регионот и со првичниот чекор што е направен во таа насока со договорот на Македонија за добрососедство со Бугарија и со договорот од Преспа за решавање на спорот со името.