По протестите пред Министерство за култура и потоа и пред Уставниот суд, Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ) за утре најави нов протестен собир, овој пат на платото на Националната опера и балет на отворањето на манифестацијата „Мајски оперски вечери“.
Културни работници, уметници, колеги и поддржувачи на култарата. Ве повикуваме на денот на отворањето на ‘Мајските оперски вечери’ заедно да застанеме во одбрана на Колективниот договор за култура, темелот што ги штити нашите права, достоинство и сигурност. Она што публиката го гледа на сцена, во музеј, библиотека или галерија не е случајност. Тоа е резултат на години труд, знаење, посветеност и љубов. Зад секој аплауз стои човечки живот, но зад завесата мора да стојат права. Денес, тие права се доведени во прашање, не смееме да молчиме, соопштија од СКРМ.
Тие повикуваат на мирен протестен собир на Советот на СКРМ во проширен состав, со цел, како што велат, мирно, достоинствено и јасно да се порaчаат неколку работи.
Дека ќе се бориме за зачувување на Колективниот договор за култура. Дека бараме вреднување на трудот на уметниците и културните работници и дека инсистираме на почитување на нашето достоинство и професија, велат од Синдикатот.
Од таму додаваат и дека „културата не е трошок – таа е идентитет“.
Правата не се привилегија – тие се основа. Да ја одбраниме културата. Да ги одбраниме правата, посочија од СКРМ.
Пред една недела, тие протестираа пред Уставниот суд поради стравувањата дека судската постапка поврзана со Колективниот договор во културата може да доведе до уривање на веќе стекнатите работнички права.
Пред судот рекоа дека „она што се случува со Колективниот договор не е техничко прашање, туку е порака дека културата е најлесна мета“.
Престанете со таргетирање на културните работници. Почитувајте ги стекнатите права, тие се изборени, а не подарени. Не го рушете договорот. Не сме буџетска ставка – туку луѓе. Правдата не е алатка за штедење. Држава без култура е празна држава. Кратење на културата значи кратење на идентитетот. Денес ни го земате правото – утре гласот. Ова не е реформа, ова е уривање, порачаа културните работници пред Судот.




