Денеска во 11 часот во Собранието ќе се одржи 3. продолжение на конститутивната седница. На дневен ред, како и претходните два дена ќе бидат точките избор на претседател на Комисијата за избори и именувања и претседател на Собранието.

Иако овие две точки беа на дневен ред и претходните првите две продолженија, пратениците расправаа за „Тиранската платформа“, за Законот за јазици и за „бомбите“.

Пратениците на СДСМ обвинија дека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, со долгите реплики и контрареплики намерно ја узурпираат седницата и оневозможуваат да се избере претседател на Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа пред пратениците да биде претставен Законот за јазиците кој го договориле ДУИ и СДСМ.

Од ДУИ, пак, повторија дека не сакаат федерализација на Македонија и дека единствен проблем да се договори коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ било СЈО. Пратеникот Џевад Адеми од говорницата истакна дека ВМРО-ДПМНЕ прифатиле претседател на Собранието да се избере од редовите на ДУИ, а ја прифатиле и таканаречената „Тиранска платформа“.