Западот мора да покаже голема солидарност ако сака да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да не ја нападне Украина.

Ова пред Минхенската безбедносна конференција го порача британскиот премиер Борис Џонсон.

Се уште постои шанса да се избегне непотребното крвопролевање, но за тоа ќе биде потребна огромна западна солидарност, нешто што не сме го виделе во поновата историја“, истакна Џонсон во изјавата пред неговата посета на Минхен.

Тој нагласи дека сојузниците мора да имаат единствен став за да му ја нагласат на рускиот претседател Путин високата цена на секоја понатамошна руска инвазија врз Украина, изразувајќи убедување дека дипломатијата сè уште може да надвладее.

Од кабинетот на Џонсон соопштија дека британскиот премиер ќе ја испрати истата порака и во својот говор на конференцијата, а за време на престојот во Минхен ќе се сретне со неколку европски партнери за да разговараат околу одговорот на кризата во Украина.