Министерот за надворешни работи Никола Димитров пред синоќешната неформална вечера меѓу лидерите на Европската Унија и од Западен Балкан во Брисел алудираше на слетувањето во главниот град на Белгија и нашите обиди за почеток на преговори со Унијата.
„Кружевме три пати пред да слетаме. Затоа можам тоа да го споредам со нашите обиди да почнеме преговори. Имавме три Европски совети на кои што не можевме да слетаме. Се надевам ќе успееме во четвртиот обид. Јас морам да ја претставувам Северна Македонија наместо претседателот или премиерот“, истакна Димитров.
Тој посочи дека донесување на Законот за Јавно обвинителство е одлична вест.
„Успеавме да го донесеме и последниот закон кој ги отстранува сите сомнежи поврзани во нашиот случај. Тоа е Законот за Јавно обвинителство што беше усвоен со двотретинско мнозинство. Ова е добар ден за земјата, за правната држава и за граѓаните како и за европската иднина на Северна Македонија“, потенцира Димитров.
Вечерата во Брисел беше во организација на претседателот на Европски совет Шарл Мишел, а присуствуваа и претседателката на Европска Комисија, Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, чија земја претседава со ЕУ, како и лидерите од земјите од Западен Балкан.