Министерот за надворешни работи Никола Димитров вчера оствари средба со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, во Вашингтон.

Средбата со државниот секретар Тилерсон и воопшто фокусот и вниманието што деновиве го добива Македонија во Вашингтон е големо охрабрување. Очигледно сме на добар пат, но тоа создава и голема одговорност да останеме целосно посветени на реформите и на визијата за Македонија со силни институции, демократска и правна држава, членка на НАТО и на ЕУ, изјави за НОВА, шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Во соопштението од македонското МНР се вели дека министерот Димитров на интерес на Државниот секретар даде осврт на актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, а исто така го запозна и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

-Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност е огромна, како би ја искористиле оваа можност што ни’ се укажува, рекол Димитров.

Информирајќи за реформите во Македонија, Димитров нагласи дека „сакаме да изградиме силни и демократски институции и да го зацврстиме владеењето на правото, за да ја направиме Македонија посакувана полноправна членка на евро-атлантската заедница“. Зборувајќи за придонесот на Република Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот, Димитров ја реафирмираше цврстата определба на Владата на Република Македонија постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно барањата на Алијансата. Во контекст на односите со соседите и состојбите во регионот, Димитров подвлече дека „нерешавањето на проблемите повлекува политичка одговорност“, соопштија од МНР.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, како што се вели во соопштението, истакнал дека Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот.  Тој нагласи дека САД ќе продолжи да има позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот; да бара начини како да помогне. Тилерсон даде поддршка на реформската агенда повикувајќи ја Владата на РМ да истрае во нејзиното спроведување .

Стејт департментот на својот сајт објави кратко видео од пречекот на Димитров, при што е најавено дека тој ќе одржи билатерална средба со Тилерсон.

Ова е прв пат по 2008 година македонски министер за надворешни работи да биде примен на билатераална средба кај државниот секретар на САД во Стејт департмент. Последна ваква средба беше по Самитот на НАТО во Букурешт кога тогашниот претседател на САД Џорџ Буш не успеа да ја внесе Македонија во НАТО заедно со Хрватска и Албанија.

Во мај 2008 година тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Антонијо Милошоски и тогашната државна секретарка Кондолиза Рајс го потпишаа договорот за страетешко партерство и соработка меѓу Македонија и САД.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, во вторникот рече дека САД и нивните европски сојузници признаваат дека постои „активна закана од ново-пројавената Русија“ и дека САД „ја зајакнале својата одвраќачка и одбрана определба во Европа“ против Москва.

Коментарот на Тилерсон дојде неколку дена пред да замине во посета на Европа, каде ќе има средби со министрите за надворешни работи од Северноатлантскиот совет и Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Димитров е на средби во Вашингтон со претставници на американската администрација.

Шефот на македонската дипломатија оствари средба и со експертите за регионот: Даниел Сервер, Едвард Џозеф и Мајк Халцел, како и со Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет на САД, со кои разменија мислења за актуелностите и перспективите на Регионот. Во текот на последниот ден од работната посета на Вашингтон, предвидени се средби со:  советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Х.Р. МекМастер, претставници на Конгресот на САД, како и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.

Toj и учествуваше на конференцијата на Атлантскиот совет на САД насловена „Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“ во чии рамки говореше на панелот на тема „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“, на кој учествуваа и Хојт Брајан Ји, Енвер Хоџа и Астрит Истрефи, а го модерираше Јануш Бугајски, МНР Димитров говореше за актуелните состојби во Република Македонија, со посебен акцент на надминувањето на разликите околу името со Грција.