Темата која летово силно ја затресе Владата на Северна Македонија – францускиот предлог за решавање на македонско-бугарскиот спор и добивање датум за преговори со ЕУ, се чини има мал одглас на домашното дипломатско поле затоа што клучните европски престолнини кои ни се важни за оваа тема Брисел, Софија и Париз, по смената на амбасадорите се уште ги чекаат новите македонски амбасадори. Тоа значи дека овие критични политички центри за Македонија, ги оставаме празни, без шанса да се влијае било како, да се дигне глас, да се однесат на ручек или вечера дипломати од земјите поддржувачи, што е недозволиво за држава со сериозна надворешно-политичка стратегија.

Причина за тоа е нестабилноста во функционирањето на собраниската Комисија за надворешна политика, која е последната фаза за испраќање на новите амбасадори на нивните дестинации. Kомисијата последен пат се состана пред започнувањето на летните одмори, на 26 јули, но тогаш помина само кандидатот за амбасадор на САД – Зоран Попов. Пред членовите на Комисијата беше предвидено своите тези за дипломатските активности да ги претстават освен вонредниот и ополномоштен амбасадор на Северна Македонија во САД Зоран Попов, и новиот амбасадор во Канада Агрон Буџаку, амбасадорот во Норвешка Дритон Кучи, вонредниот и ополномоштен амбасадор во Белгија, Методија Белевски и амбасадорката Евгенија Илиева во Словачка. Но за разлика од амбасадорот Попов кој веќе се наоѓа во Вашингтон, останатите останаа дома чекајќи го  продолжението на работата на Комисијата.

Претседателот на оваа Комисија кој е поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, во изјава за НоваТВ вели дека Комисијата е закажана и првиот дел веќе се одржал пред летните одмори, и дека дополнително ќе биде закажано продолжение. „Помина амбасадорот во САД, сега претстои да закажеме продолжение на кое ќе ги слушнеме тезите на амбасадорите во Брисел, Осло и Братислава. Ќе се видиме со пратениците, ќе го погледнеме собранискиот календар и ќе утврдиме термин за продолжението“, вели Милошоски. Тој појаснува дека за амбасадорите за Анкара, Софија и Париз се уште нема пристигнати материјали во Собранието и дека за нив ќе треба да се одржи посебна седница на Комисијата за надворешна политика.

Вчера, меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на координативниот состанок кај шефот на парламентот Талат Џафери, кој е прв по завршувањето на летниот одмор на пратениците и на кој се зборуваше за претстојните задачи на парламентот и комисиите. Договорот е на 14 септември да се одржи првата нова седница на Собранието. Парламентарниот спикер побара од утре да продолжи со работа Комисијата за избори и именувања со точката за избор на уставните судии, а преостанатите комисии, меѓу кои и Комисијата за надворешна политика да продолжат со разгледување на преостанатите точки.

Координаторот на пратеничката група на социјалдемократите Јован Митрески и вчера го повика Милошоски да ја закаже седницата. „Тоа е една протоколарна седница на Комисијата каде што кандидатите за амбасадори треба да ги изложат своите тези. Само преку таа комисија ги запознаваме граѓаните кои се нивните тези и кои се луѓето кои што ќе бидат следни амбасадори, инаку веќе се случи со еден амбасадор, може пак да се случи, претседателот директно да потпише меѓутоа тоа заради граѓаните и заради јавноста не е добро“, рече тој повикувајќи го претседателот на Комисијата за надворешна политика да продолжи со работата.

„Таму имаме и ратификации на други договори посебно од Отворен Балкан, така што ги повикувам сите претседатели на комисии да работат според тоа што им наложува деловникот, ништо повеќе и ништо помалку“, подвлече Митрески.

Долгогодишниот дипломат и универзитетски професор Нано Ружин во изјава за нашиот портал ја коментира ситуацијата како недозволива за една парламентарна демократија и ја оцени како рушење на позицијата на дипломатијата.

Блокирањето на предложените амбасадорски места од страна на Комисијата за надворешна политика покажува најмалку три работи, вели тој. Прво, ја рефлектира состојбата на лоши практики во Собранието меѓу власта и опозицијата, што се виде и при случувањата околу францускиот предлог кога ескалираше политичкиот анимозитет меѓу пратениците на власта и опозицијата што отсликува недостиг на дијалог. Второ, посочува Ружин, се доведува во прашање нивото на политичка култура, бидејќи не се работи само за еден или два случаи на блокада, блокираа и за Фрчкоски, туку за воведување на нова стратегија или политичка доктрина на опозицијата и сигнал дека во иднина ќе ги блокира сите кадровски решенија на владејачкото мнозинство.

„И трето, тоа е силен индикатор за слабоста во работењето на парламентот бидејќи нема никакви други правни лекови со кои би се надминала оваа ситуација. Ова е недозволиво во една парламентарна демократија да се рушат позициите на дипломатијата“, оцени тој.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во остра реакција деновиве го нарече незакажувањето на седницата на Комисијата за надворешна политика „флагрантна и дрска злоупотреба на Деловникот за работа“. „Упатив ургенција до претседателот на Комисијата Антонио Милошоски веднаш да престане ова бојкотирање на надворешната политика и стратешкиот интерес на земјава, во најкраток можен рок да биде закажана седницата за одбрана на тезите на идните амбасадори“, рече Османи.

МНР информира и дека за тројца амбасадори се добиени агремани и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста и барањето до Собрание за закажување на седница на Комисијата за надворешна политика за нив ќе биде пратена во скоро време, за Виктор Димовски во Франција -Париз, Агнеса Руси во Бугарија – Софија и Јован Манасиевски во Турција – Анкара.

За да се избегнат застоите и политички блокади во назначувањето на амбасадори во Комисијата за надворешни работи, се планираат измени на Законот за надворешни работи со кои овој последен чекор од патеката за упатување на амбасадорите ќе биде  необврзувачки.

Во политичките кругови се погласно се шпекулира дека Комисијата може да биде заобиколена доколку продолжи блокадата од опозицијата, бидејќи со држењето дома на избраните амбасадори се поткопува надворешната политика на државата.

Милошоски на тоа одговара дека Комисијата сепак е дел од законски предвидената процедура. Тој го посочува членот 39 од Законот за надворешни работи кој вели дека: „По добивањето на агреманот, кандидатот за амбасадор започнува со подготовки за преземањето на должноста, кои траат најмногу 60 дена и се сметаат за завршени по завршниот разговор со министерот и директорите во Министерството за надворешни работи. По завршниот разговор кандидатот за амбасадор ги презентира своите согледувања за односите со државата пред работното тело на Собранието кое е надлежно за надворешна политика“.

Се чини дека нема излез од оваа ситуација, и дека дипломатијата станува заробеник на собраниската Комисија за надворешна политика. Македонија за неколку дена ќе полни 31 година независност но таа бројка се чини е далеку од политичка зрелост барем кога се во прашање методите за политичка борба во кои најголема жртва е дипломатијата, што пак значи дека проблемот не останува само домашен туку станува видлив и на меѓународната сцена.

Соња Крамарска