Државната Комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница одлучи да отвори предмет за владината парична помош на здруженија и фондации како дел од мерките за справување со корона-кризата. Приговор до ДКСК поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во кој се наведува дека е прекршен Изборниот законик со исплата на пари во време на изборна кампања.

„Исплатата на одобрените средства е на 1 јули во период на изборна кампања и претставува повреда на член 8-а, став 1, алинеја 2 од Изборниот законик и член 43 од Законот за спречување корупција и судир на интереси. Поради тоа, согласно нашите мерки, се предлага покренување на постапка пред надлежни органи за одговорносто лице при Генералниот секретаријат“, оценија од ДКСК.

Од владиниот Генерален секретаријат пред антикорупционерите појаснија дека исплатата извршена на 1 јули е врз одлука донесена на 13 јуни и од тие причини сметаат дека се работи за извршување на веќе донесена одлука. На тоа од ДКСК одговорија дека одлуката можело да биде донесена и претходно, но исплатата требало да почека, да се одложи и да се оствари по завршување на изборите.

На сметка на здруженијата и фондациите кои ги исполниле условите за добивање на финансиска помош легнале околу 30 милиони денари.