Стефанос Циципас е прв финалист на завршниот Мастерс во Лондон. Грчкиот тенисер во полуфиналето го елиминира Роџер Федерер со 6:3, 6:4 и за титулата, во недела во „О2 арена“, ќе игра со подобриот од Доминик Тим и Александар Зверев чиј дуел е закажан за вечерва од 21 часот.
Одлична тениска претстава прикажаа Циципас и Федерер пред преполните трибини во прекрасното спортско здание во англиската престолнина. Многу трчање, тактичко надмудрување и еден куп на невозможни потези го задржаа вниманието на присутните во салата, но и крај ТВ екраните кои по час и пол игра го поздравија Гркот како финалист и со громогласен аплауз го испратија швајцарскиот ветеран кон соблекувалната.
На Циципас му беше доволен еден бреј во првиот сет, во вториот направи два од кои Федерер успеа да врати еден и на крајот беше принуден да му честита на ривалот за големата победа.