Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари Курто Дудуш денеска го кажа својот став за инцидентот што пред два дена се случи во општината, кога актуелниот градоначалник и кандидат за уште еден мандат Елвис Бајрам беше повреден.

-Секое насилство особено во изборен период е недозволиво. Затоа јавно го осудувам насилството како метод за да се надминат недоразбирањата и разликите. Овој изборен процес Шуто Оризари ќе го помине во фер и демократска атмосфера, не дозволувајќи настанот кој се случи да поттикне понатамошни тензии и инциденти.

Бидејќи не бев присутен на настанот, не сум во можност да дадам објективна слика и детали за настанот, но верувам во работата на институциите и во интерес на истрагата нема да излегувам со детали кои ги имам слушнато од сведоци. Да оставиме институциите да си ја завршат професионално работата  и за крајниот исход по завршување на истрагата ќе биде известена и целата јавност, се вели во изјавата на кандидатот Дудуш, кого вчера, на прес конференција, претседателот на Сојузот на Ромите и татко на Елвис Бајрам, Амди, го обвини дека е нарачател на тепањето, заедно со СДСМ и Неждет Мустафа.