Европската комисија со големо внимание ги следи случувањата во Словенија со усвојувањето на т.н. „Шутар закон“ и ја повикува земјата да обезбеди неговото спроведување да не влијае несоодветно кон која било заедница и да избегне создавање на услови за ранливоста за оние кои веќе и онака се изложени на ризик, изјави денеска портпаролката на ЕК за социјална права и еднаквост Ева Хрнчирова.
Изјавата на Хрнчирова беше одговор на прашање за коментар на Европската комисија на законот усвоен синоќа во словенечкиот Парламент по скратен постапка, кој според претставниците на ромските организации, претставува закана за третирање на малцинствата како закана за безбедноста и овозможува проширување на некои полициски овластувања.
– Видовме дека законот по брзо постапка помина во Парламентот. Колку што знаеме тој треба да биде одобрен и од словенечката претседателка. Ја охрабруваме Словенија да обезбеди спроведувањето на овој т.н. „Шутар закон“ да не влијае несоодветно на која било заедница, рече Хрнчирова.
Според неа, одржувањето на безбедноста и јавниот ред е важно, но мерките што се применуваат за тоа мора да бидат целосно во согласност со правото на ЕУ и принципите за почитување на основните права.
На усвојувањето на т.н. „Шутар закон“ реагираше и Ромската фондација за Европа посочувајќи дека тој е причина за длабока загриженост, затоа што покажува како едно цело малцинство може да се третира како „безбедносна закана“.
– „Законот Шутар“ не е словенечка приказна. Тоа е европско предупредување, покажувајќи колку брзо стравот може да стане закон, колку лесно една група може да стане безбедносна категорија и како мала земја може да создаде преседан доволно голем за да го преобликува целиот европски проект, се наведува во реакцијата на Ромската фондација.
Според фондацијата, Словенија направи нешто што Европа ретко признава дека се случува во рамките на ЕУ, усвојувајќи закон со кој цело малцинство се третира како безбедносна закана и се дозволува влез без налози по домовите и проширени овластувања за надзор и ангажирање на војската во домашното полициско работење.

