Отповиканата американска амбасадорка од Украина Мари Јованович, во истрагата за импичментот на Трамп изјави дека се чувствува загрозена од она што за неа го кажал американскиот претседател, а го содржи транскриптот од телефонскиот разговор со претседателот на Украина Зеленски.
Екс-амбасадорката во Украина во сведочењето пред Конгресот истакнала дека е „многу загрижена“ од коментарот на претседателот Доналд Трамп, кој во разговорот на Зеленски му вели: „Па, таа (г-ѓа Јованович) ќе помине низ некои работи“.
Сведочењето на Јованович е дел од документите што Демократите почнаа да ги објавуваат од сослушувањата што беа затворени за јавноста.
Трамп според истрагата што ја покрена Претставничкиот дом е обвинет дека се обидел да изврши притисок врз Украина да ги истражи наводните тврдења за корупција на неговиот политички ривал Џозеф Бајден и неговиот син Хантер Бајден, кој работел со украинска компанија за гас.
Според разговорот на Трамп со Зеленски од 25 јули, како што стои во транскриптот што го објави Белата куќа, американскиот претседател исто така ја опишал Јованович како „лоша вест“.
Овој телефонски разговор е основа за актуелната истрага за импичмент, која може да доведе до отповикување на Трамп од функцијата за наводна злоупотреба на власта.
Во сведочењето од 11 октомври објавено вчера, Јованович вели дека била „шокирана“ од она што го кажал претседателот.
„Не знаев што значи тоа“, рече г-ѓа Јованович. „Бев многу загрижена. И сè уште сум“.
Дипломатката од кариера вели дека кога побарала совет од американскиот амбасадор во ЕУ, Гордон Сондленд, на Трамп, тој и предложил на Јованович да пишува пофалби за претседателот.
„Или треба да одите на се или да си одите дома“, наводно и рекол Сондленд. Јованович сведочеше дека не смета дека треба да ги послуша советите на Сондленд.
Јованович понатаму во сведочењето открива дека личниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, кон крајот на 2018 започнал со обиди да ја дискредитира, бидејќи тој, како што рече, во сенка ја водел надворешната политика за Украина.
-Џулијани сакаше да се спроведе истрага за Бајден и за неговиот син за да пронајдат информации „кои би можеле да бидат штетни за неговата евентуална претседателската функција, сведочеше дипломатката.
Според Јованович, Џулијани исто така го повикал главниот обвинител на Украина, Јуриј Луценко, да шири „невистини“ за неа, со цел да ја „дискредитира“ „во САД“.
За време на нејзиното сведочење, таа исто така се потсети како Џулијани се обидел да обезбеди американска туристичка виза за уште еден поранешен украински главен обвинител, Виктор Шокин – кому му било одбиено барањето поради „познати коруптивни активности“.
Шокин е службениот кого Џозеф Бајден и претставници на други западни влади, побараа да биде сменет за наводна корупција. Но Републиканците сметаат дека зад таквиот став на Бајден кон Шокин стои всушност неговата одлука да ја испита работата на „Буризам“, украинска енергетска фирма за која работел синот на Бајден, Хантер.
Јованович не сакаше да коментира зошто Џулијани се залагал Шокин да добие виза.
Понатаму во сведочењето, таа рече дека дека била предупредувана од украинскиот министер за правда дека „навистина треба да биде внимателна“. Како што кажа во сведочењето, во април била известена од нејзината надредена дека мора веднаш да се врати во САД.
„Таа рече дека тоа е за моја безбедност, дека ова е за мое добро, луѓето беа загрижени“, рече Јованович пред Конгресот.
Јованович ја напушти амбасадорската позиција во Украина во мај годинава, неколку месеци пред завршувањето на мандатот, поради тоа што сојузниците на Трамп ја обвинија за нелојалност и нечесност.
Таа стана мета на напади дека на украинскиот обвинител му дала список на имиња кои не треба да ги истражува, поради што соработниците на Трамп побараа таа да биде сменета, обвинувајќи ја дека го критикувала претседателот пред странски функционери. Токму Џулијани тврдеше дека таа ги блокирала напорите Украинците да го истражат Бајден.
Во понеделникот, Комисијата за разузнавање на Претставничкиот дом исто така објави детали од минатомесечното сведочење на поранешниот главен советник на американскиот државен секретар Мајк Помпео, Мајкл Мекинли.
Тој изјави дека препорачал да и се даде поддршка на Јованович, по повикот на Трамп. Но, како што рече, му било кажано дека Помпео решил „подобро не … во овој момент“.
Мекинли поднесе оставка од функцијата неколку дена пред неговото сведочење во Конгресот минатиот месец.
Тој им рече на пратениците дека се повлекол поради несогласување со „ангажманот на нашите мисии за набавка на негативни политички информации за домашни цели“.
-На мојата оставка влијаеа две работи: неуспехот, според мое мислење, на државниот оддел да понуди поддршка на вработените во странските служби, опфатени со истрагата за импичмент, и второ, она што се чини дека е искористување на нашите амбасадори во странство да ги унапредат домашните политички цели“, рекол екс советникот на Помпео, според записникот од сведочењето.
Трамп од 25 септември се наоѓа под истрага за можен импичмент во Претставничкиот дом на Конгресот, во кој мнозинството го имаат демократите, заради злоупотреба на функцијата со тоа што го условувал украинскиот претседател Зеленски да отвори истрага за синот на Бајден, во телефонски разговор што го откри свиркач. Белата куќа го објави транскриптот од разговорот. Свиркачот најави дека ќе сведочи.
Трамп истрагата ја спореди со линч и смета дека Сенатот, во кој мнозинство имаат републиканците, ќе го ослободи од одговорноста, доколку Претставничкиот дом првично го изгласа отповикувањето.




