Ескобар: На Северна Македонија местото ѝ е на масата на ЕУ

Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на рефомскиот процес за тоа да стане реалност, рече Ескобар.

Американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и специјален претставник за Западен Балкан, , Габриел Ескобар, ја завршува официјалната посета на земјава. 

Прв домаќин на високиот гостин од САД во земјава му беше шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

– САД изразуваат силна поддршка за брза европска интеграција на Северна Македонија и работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи што е можно најбрзо, изјави денеска американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, кој е во официјална посета на земјава на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Северна Македонија е дел од Европа, културно, историски и економски дел од Европа и треба да имате столче на масата на ЕУ. Во тој поглед ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да се покаже флексибилност во процесот на европски интеграции, како и продолжување на рефомскиот процес за тоа да стане реалност, рече Ескобар.

Тој се заблагодари за партнерството на САД со Северна Македонија, посочувајќи дека тоа не е само партнерстство, туку пријателство и сојузништво.

– Ние делиме заеднички вредности кои се во основа на нашата стратегија на споделени вредности. Ја изразувам благодарноста на Северна Македонија за континуираната поддршка и посветеност во НАТО, додаде Ескобар.

Шефот на дипломатијата истакна дека европската перспектива на Западен Балкан е најсигурна инвестиција во регионот и изрази благодарност за посветеноста и фокусот што САД го даваат на регионот на Западен Балкан.

Ескобар – Димитров: Преспанскиот договор – столб на мирот и сигурноста во регионот

И заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денес имаше средба со заменик помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар, кој престојува во работна посета на Северна Македонија.

– Делиме иста визија за иднината на Северна Македонија и регионот и поддршката од САД како наши партнери и сојузници секогаш била двигател на процесите. Почетокот на пристапните прег​овори со Северна Македонија ќе означи заокружување на едно поглавје во исполнувањето на заедничката стратешка цел и создавање на нов моментум за европската иднина на регионот како гарант на стабилноста и демократијата. Надминувајќи ги актуелните предизвици, ќе можеме да се насочиме кон унапредување на споделените вредности и продлабочување на партнерството во тој поглед, рече Димитров.

Заменикот помошник Ескобар ја истакна посветеноста на Северна Македонија како НАТО сојузничка во обезбедувањето на регионалната безбедност и промовирањето на евро-атлантските вредности, при што ја посочи важноста на Преспанскиот договор како столб на мирот и сигурноста во регионот.