Европската Комисија подготвува предлог за забрана на супстанцата хлорпирифос која се користи во одредени пестициди, потврди портпаролката Анка Падурару.
-Комисијата ќе преземе мерки да не се обнови дозволата за користење за хлорпирофос етил и метил, таа истекува во јануари 2020 година и работиме на проект за овие две супстанци да се забранат, изјави Падурару.
Европската агенција за безбедност на храна, ЕФСА, на почетокот на август потврди дека оваа супстанца има штетно влијание врз човечкото здравје и дека неговата употреба не треба да биде повторно дозволена од јануари 2020 година. Оваа најава предизвика загриженост во голем број земји членки.
Хлорпирифосот може да има штетни невролошки последици кај малите деца, покажале истражувањата.
Пред една ипол година ЕУ објави дека се подготвува да ја забрани употребата на глифосатот, најчесто употребуваниот хербицид во светот, а и кај нас. Научните истражувања укажуваат дека глифосатот е канцероген и дека повеќе нема свое место во земјоделството и исхраната.
Од Македонското министерство за земјоделство тогаш за НОВА потврдија дека глифосатот се употребува и кај нас. Во реакцијата на Министерството се велеше дека „доколку во ЕУ се донесе одлука за забрана на производот и Македонија ќе се прилагоди на таа одлука. Кај нас во промет се ставаат само препаратите што се дозволени во ЕУ”.
Американски суд во март годинава утврди дека еден од најупотребуваните препарати за уништување плевел „Раундап“ на фармацевстката група Баер е „главен фактор” кој предизвикува рак кај луѓето, додека компанијата го негираше тоа.
Во мај Франција стана првата држава која ги забранува сите пет пестициди кои се смета дека се виновни за уништување на пчелите. Со тоа таа станува пример во глобалните напори за спасување на пчелите и спречување на тнр. “еколошки Армагедон”.
Земјата ги забрани сите 5 неоникотиноид пестициди за кои истражувачите укажаа дека ги уништуваат пчелните популации.
Овој потег уследи откако Европската унија забрани употреба на трите најопасни пестициди – клотианидин, имидаклоприд и тиаметоксам, при производнсто на земјоделски култури.
Франција на листата на забранети освен овие три, ги додаде и тиаклоприд и ацетамипид, а забраната важи не само за употреба на отворено, туку и во оранжериите.





