Лидерите на Европската унија денеска ќе гласаат за дуплирање на финансиската поддршка за украинските вооружени сили, изјави високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жозеп Борел.

Тој зборуваше со новинарите пред вториот ден од самитот на лидерите на ЕУ во Версај, Франција. Доколку лидерите одобрат, финансиската поддршка на блокот за украинската војска ќе се зголеми на над 1 милијарда долари.

„Сите беа целосно свесни дека мораме да ја зголемиме нашата воена поддршка за Украина за уште 550 милиони долари за да продолжиме да вршиме притисок врз Русија“, рече тој. „Не беше тешко да се убедат лидерите на ЕУ да го направат чекорот, а средствата ќе дојдат преку Европскиот мировен фонд“.

Борел рече дека е сигурен дека Советот на Европската унија ќе го потврди предлогот. „Финансиската поддршка ќе биде веднаш. Сега парите течат брзо“, додаде тој.

На 28 февруари, Советот на Европската Унија се согласи да помогне во финансирањето на украинските вооружени сили, за првпат вклучително и смртоносно оружје.