Најавата на рускиот гасен гигант Газпром дека оваа недела дополнително ќе ја намали испораката на гас во Европа е политички мотивирана, изјави денеска шефот на енергетската политика на Европската унија, Кадри Симсон.

Таа ги оспори наводите на рускиот гасен холдинг дека поради редовно одржување мора да ја прекине работата на друга турбина на гасоводот Северни Тек 1, со што ќе се намали протокот на гас преку тој гасовод до Германија.

„Знаеме дека нема техничка причина за тоа. Ова е политички мотивиран чекор и мораме да бидеме подготвени за тоа. Токму поради оваа причина, превентивното намалување на потрошувачката на гас е мудра стратегија“, рече Симсон по пристигнувањето во состанокот на министрите за енергетика на ЕУ во Брисел, пренесува Ројтерс. (Р.Н.)