За евентуални мерки за делта-сојот ќе се разговара в понеделник. Сите препорачани мерки се доволни, но нема план за некакво засилување. Единствено, би разговарале во однос на штитењето на границите. Да се процени ризикот и дали тоа е вистинска мерка со која можеме да се заштитиме од делта-сојот, одговори денеска министерот за здравство, Венко Филипче, по заедничката прес-конференција со хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ, во врска со донацијата на вакцини на „Астра Зенека“ од Хрватска.

Во земјава вчера пристигнаа 10 илјади вакцини на „Астра Зенека“, коишто од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата.