Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега. ЕУ останува со Северна Македонија, ние сме најголем донатор во земјата и ги поддржуваме реформите во разни области, а вложуваме и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир, на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, кој се одржува денеска во Собранието.

Зборувајќи во име на Европската служба за надворешни работи и Европската комисија, Гир рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи дека напорите се во тек.

– Свесен сум за бранот јавна фрустрација и разочарување. Многумина разбираат дека членството во ЕУ дава најдобра перспектива за стабилност и просперитет, рече Гир и порача дека земјата има напредок во судските реформи, во спроведувањето на стратегијата за судски реформи 2017-2022, посочувајќи ја Академијата за судии и јавни обвинители како пример во регионот. Тој, исто така, нагласи дека напредокот во дигитализацијата на судството ќе биде клучен за обезбедување транспарентност и ефикасност, но и за кревање на јавната доверба во институциите.

– Чекаме да се комплетира и бројот на судии во Уставниот суд, без кои тој не би можел да функционира, изјави Гир.

Земјата, нагласи Гир, има стопроцентна усогласеност со европската заедничка и надворешна политика, а работниот викенд минатиот месец во рамки на Жан-моне дијалогот го потврди процесот почнат 2018 година.

–  Парламентот, за жал, се повеќе е жртва на политичката поларизација меѓу владата и опозицијата. Тоа има сериозно негативно влијание на законодавната агенда и влијае на пошироките реформи и потребната помош да се подобри животот на граѓаните, изјави Гир. (Р.Н.)