Најпознатата оф-шор фирма во Македонија, „Ексико ДООЕЛ“ Скопје, доби тендер за изградба на паркинг, партерно уредување и реконструкција на пешачки патеки во Тафталиџе, Карпош.

Тендерот, распишан од општина Карпош е во вредност од околу 200 илјади евра и е доделен на 09-ти август годинава.

Јавната набавка е спроведена со електронска аукција на која се пријавиле две понуди, додека критериумот за доделување е најниската цена.

Фирмата „Ексико ДООЕЛ“ често се среќаваше во новинарските истражувања низ годините. Таа е позната како една од најуспешните во Македонија, а нејзин сопственик според швајцарскиот регистер е извесна фирма „Т&ЈМ Инвестмент СА“.

Која е Ексико ДООЕЛ?

Во март 2014, опозициската партија СДСМ ги обвини премиерот Никола Груевски и неговиот братучед и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков дека имаат удел во фирмата Ексико, офшор компанија инкорпорирана во Лугано во Швајцарија, како и дека ја „држат во заложништво целата економија во Македонија“.

Ексико и Орка Холдинг се појавуваат заедно во бројни државни зделки или пак купуваат акции во истите компании. Двете компании имаат значајна добивка од владините тендери и владино спонзорираните зделки.

На пример, Ексико и Орка Холдинг заедно го поседуваат ЕК-ОР, кој преку серија на трансакции кои инволвираат офшор компании, купи парцела на главниот плоштад во Скопје. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку општина Центар овозможи промената на урбанистичките планови за да започне со градба осумкатниот хотел ИБИС.

Ексико е сопственост на T&MJ investments Ltd. Во минатото оваа фирма беше менаџирана, помеѓу другите, и од двајцата номинирани директори Емилио Бинда и Капрани Умберто. Истите луѓе се појавуваат како директори на фирмата од Панама, Тасига Корп, која од Мијалков ја купи неговата компанија Миртланис СРО регистрирана во Прага, Чешка. Емилио Бинда, едновремено беше и неизвршен член на управниот одбор во фирмата која денеска е познатта како КАРА АД, во сопственост на Орка Холдинг и семејството Камчеви.

Миртланис СРО, основана во март 2014, поседува плац од 15,280 метри квадратни во скапата област на Прага наречена Велеславин. Подоцна Мијалков ја префрли сопственоста на Тасига Корп. Во исто време, тој беше шеф на тајната полиција и беше обврзан да го пријави сопствеништвото во Анти-корупциската комисија. Тој тврдеше дека не го пријавил, бидејќи вредноста била премногу мала. Исто така тој ја префрли вредната земја на свое име.

Долгогодишниот директор на фирмите на Мијалков, Горан Гацов, остана директор и откако заврши трансферот на сопственоста.

Ексико и ОРКА исто така поседуваат заедно плац од 4,514 метри квадратни во ексклузивната населба Водно, само два километри од центарот на Скопје, дом на дипломати и многу богати луѓе. Плацот беше дел од контроверзниот скандал со прислушкување.

Во февруари 2015, стотици прислушкувани снимки од наводни разговори од разни функционери, вклучувајќи го и премиерот Никола Груевски и некои од неговите министри, беа објавени од Зоран Заев, лидерот на главната опозициска партија, СДСМ, која тврдеше дека ги добила од „свиркачи“ во тајната македонска полиција. Снимките вклучуваат повеќе од половина милион разговори, кои се одвиваат од 2007 до 2013 година.

Во една од снимките која го вклучува гласот на Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, се дискутира како илегално да се обезбеди легална градба на земјиште кое треба да се пренамени како градежно. Опозицијата тогаш објави документи кои потврдуваат дека 17,000 метри квадратни земја на елитното Водно е купена како лозје од фирма од Белизе чиј директор е кумот на Груевски (11,500м2), како и компаниите Ексико и Кара АД.

Повеќе за офшор фирмата прочитајте во истражувањето на НОВА за „Документите од Панама“ на следниот линк.