Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Гостивар, од каде што порача дека во време кога институциите потфрлаат, СДСМ е меѓу граѓаните за да им помогне на оние на кои помошта сега им е најпотребна.
Во изјавата за медиуми, Филипче нагласи дека она што денес се случува во Гостивар е последица на неодговорното управување на власта и на целосниот институционален хаос.
„Очигледно е дека со оваа власт на Христијан Мицкоски и неговата организирана криминална група, повеќе нема прашање во сферата на политичката или моралната одговорност. Очигледно е дека се во прашање елементарните човекови права, граѓански права, тоа е правото на здрави и во тој контекст здравата почва, здравата вода“, рече Филипче.
Филипче посочи дека посетата на Гостивар нема за цел политизација на состојбата, туку конкретна поддршка за граѓаните кои, како што кажа, се оставени сами да се справуваат со последиците од епидемијата.
„Нашата посета денес на Гостивар нема за цел да го политизираме прашањето, како што ВМРО сака да не обвини. Имаме за цел да им помогнеме на неколку категории граѓани кои никој не ги прашува како се, дали им е потребна некоја помош и затоа со неколку пакети помош денеска посетивме повеќе семејства на социјално загрозени категориии, на граѓани, постари луѓе, пензионери и тоа ќе продолжиме да го правиме и во следните денови“, рече Филипче.
Тој додаде дека граѓаните не смеат да бидат оставени сами во услови на ваква сериозна здравствена криза и дека институциите имаат обврска да работат во нивен интерес, а не да ја прикриваат сопствената неодговорност.
„Оставени во оваква ситуација, кога овој систем го менаџира само малата група на луѓе околу Христијан Мицкоски, граѓаните се оставени на себе да се справуваат со последиците од тој страшен систем“, рече Филипче.
Тој кажа дека здравствената криза отвора сериозни прашања за навременоста на институционалната реакција и одговорноста на надлежните.
„И уште една многу важна работа, а тоа е да поставиме неколку многу важни прашања, нешто за тоа што се случувало во изминатиот период и чија е одговорноста за работите кои што се случувале и што сега се случува, односно како може да се спречи и дали се заканува уште поголема катастрофа од тоа што сега се случува во Гостивар“, истакна Филипче.
Тој праша зошто институциите не реагирале веднаш кога започнал да расте бројот на заболени граѓани.
„Зошто кога се случил наплив на пациенти во болницата, не се истражило добро на што се должи тој зголемен број на пациенти во болницата, па можело уште порано да се реагира. Зошто ништо не се направило од страна на здравствените власти да се изменаџира прашањето епидемиолошки, да се анализира од каде доаѓаат симптомите, на што тие се должат“, рече Филипче и додаде дека јавноста има право да знае и зошто водата не била контролирана секојдневно.
„Зошто не се испитувала водата секој ден? Зошто квалитетот на водата, Центарот за јавно здравје, не го испитувал секој ден?“, праша претседателот на СДСМ.
Филипче предупреди дека и денес постојат сериозни ризици доколку не се обезбеди безбедна вода за граѓаните и за угостителските објекти.
„Од каде рестораните ја носат? Од каде граѓаните ја носат и ја користат? Кој ја проверил таа техничка вода? Ако и сега се користи неисправна вода, се заканува уште поголема опасност, а тоа е труење со храна, како и ризик од појава на нова епидемија“, рече Филипче.
Тој побара Министерството за здравство и надлежните институции веднаш да ги објават сите резултати од анализите на водата и целосно да ја информираат јавноста.
„Не можат здравствените власти, Министерството за здравство, министерот, премиерот, да молчат по овие прашања. Треба јавно да ги објават резултатите од контролата и сите параметри на водата. Граѓаните мора да знаат“, порача Филипче.




