Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Венко Филипче за Нова рс: Ништо нема да остане под тепих – ќе ја разоткриеме мрежата Орбан – Вучиќ – Мицкоски

0
By Zoran Ivanov on May 17, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Sunday, May 17, 2026 23:11

Венко Филипче лидерот на македонската опозициска СДСМ, за Нова.рс за политичко-финансиската мрежа што ги поврзува Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Христијан Мицкоски

Лидерот на македонскиот СДСМ, Венко Филипче, тврди дека Скопје, Белград и Будимпешта се поврзани преку мрежа на политички, медиумски и деловни интереси, во која важна улога имаат Алта банка, енергетскиот сектор и компании поврзани со Орбан. Во интервју за Нова, тој порачува дека „ништо нема да остане под тепих“.

Господине Филипче, СДСМ веќе со месеци зборува за постоење на политичко-финансиска мрежа што ги поврзува Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Христијан Мицкоски. На што конкретно ги темелите тие тврдења?

Оваа мрежа не ја откриваме од вчера. Ја разоткриваме со месеци, а секој нов ден носи нови потврди. За почеток, да бидам јасен – Христијан Мицкоски во Македонија одамна го нарекуваат „малиот Вучиќ“. И тоа не е случајно. Начинот на кој зборува, начинот на кој се однесува, па дури и реториката што ја користи – тоа е евтина копија на Александар Вучиќ. Ако ја погледнете политиката, таму постои целосен copy-paste. Истата поделба на народот на „патриоти“ – оние што се за ВМРО – и „предавници“ – сите останати. Истата реторика околу ЕУ: „може, но достоинствено“, „нема да дозволиме да ни го загрозат идентитетот“, „нема да отстапиме ни милиметар“… Истата идеја целиот регион заедно да влезе во ЕУ, без право на глас – идеја што никој од ЕУ не ја предложил, а прв ја поддржува Мицкоски.

Сестрински партии, „браќа“, со Орбан како „голем пријател“. Имавме минимална соработка со Унгарија, а откако Мицкоски е на власт – секојдневно се објавуваат нови „проекти“ со Унгарија. Со месеци предупредуваме дека сите компании што „инвестираат“ имаат директна врска со Орбан – медиуми, енергетика, железница, телекомуникации, финансии … Со месеци предупредуваме дека сè ќе биде блокирано. Очигледно ни ВМРО не го очекуваше падот на Орбан.

А каде е Никола Груевски веќе речиси една деценија во бегство? Токму во Унгарија. Кога бегаше, помина низ Србија, а во Унгарија доби политички азил. Имаме сознанија дека има и српски и унгарски пасош. Треба ли уште докази?

Тоа не е случајност. Тоа е политичко-финансиска мрежа што ги поврзува Орбан, Вучиќ и Мицкоски. И ќе продолжиме да ја разоткриваме, затоа што граѓаните ја заслужуваат вистината.

СДСМ тврди дека Орбан контролира значителен дел од медиумскиот простор во Северна Македонија. Кои се вашите најсилни докази за тоа?

Тоа е најлесно докажливо. Таа мрежа постои повеќе од една деценија и ние одамна ја следиме. Доволно е да ги погледнете извештаите на независни истражувачки организации од регионот и Европа. Конкретно, OCCRP и BIRN јасно ги покажаа врските на Петер Сеч и Агнеш Адамик, кои контролираат околу 40% од медиумскиот пазар во Македонија. Тоа е директна врска со Орбан.

Двајца луѓе од унгарската национална телевизија преку ноќ станаа сопственици на телевизии и портали во Словенија – каде што се поврзани со Јанез Јанша – и во Македонија, каде што нивните директори и уредници отворено зборуваат дека се во служба на ВМРО. Имаме и кривична пријава против Алфа ТВ, каде што во истрагата се дојде до податоци дека пари од Унгарија преку Словенија завршувале во Македонија – преку лажни маркетинг-кампањи со кои се финансирале телевизии и портали.

Пред еден месец повторно поднесовме кривична пријава, затоа што со години никој во обвинителството ништо не презема. За ова постојат конкретни докази. Ние не зборуваме за теории на заговор. Зборуваме за документирани факти.

Вашата портпаролка Богданка Кузеска изјави дека по најавите на Петер Маѓар за истрага на „кинеските пари од унгарскиот кредит“ почнува разоткривањето на деловната мрежа на Виктор Орбан, која „ќе ја видат и граѓаните на Македонија“. На каква конкретно деловна мрежа мислите и тврдите ли дека со неа се поврзани и Христијан Мицкоски и структури блиски до Александар Вучиќ?

Со падот на пријателот и заштитникот на Христијан Мицкоски – Виктор Орбан – почнува разоткривањето на деловната мрежа што ќе ја видат и граѓаните на Македонија. Покрај врските со Орбан, новиот унгарски премиер Петер Маѓар најави преиспитување и на скапите меѓународни договори за кинески кредити. Тоа директно ги погодува Македонија и македонските граѓани. Мицкоски и целата организирана криминална група ВМРО се најблиски партнери и пријатели на Орбан на Балканот. Еден од тие скапи и нетранспарентни договори го склучи владата на Христијан Мицкоски со владата на Орбан, задолжувајќи ги граѓаните за една милијарда евра.

Реномираниот медиум Bloomberg пред две недели објави дека Унгарија открила претходно необјавени детали за заемот од една милијарда евра што владата на Орбан го зела од Кина во 2024 година. За тоа зборуваме повеќе од една година. Истата година кога Мицкоски зема кредит од Унгарија во ист износ. Парите Унгарија ги земала од China Development Bank, Export-Import Bank of China и унгарската филијала на Bank of China. Новите информации излегуваат по изборниот пораз на Орбан. Ги криеле трошоците, каматите и еднократните надоместоци. Исто како во Македонија. Постоеле скриени трошоци што владата никогаш не ги соопштила. Повеќе од еден милион евра биле префрлени за договорни услуги, десетици милиони за провизии за кои никогаш не се дозна.

И сè уште не се знае каде завршиле тие пари. Освен што ќе ги враќаат граѓаните. Бараме и во Македонија да бидат покренати истраги за кинеските пари. Сè што Маѓар сега го разоткрива во Унгарија – перење пари, контрола на медиуми, тајни зделки, корупција – директно се пресликува и во Македонија.

Со Србија постојат многу бизниси, а најдобар доказ е почесниот конзул на Македонија во Србија, Душан Адамовиќ. Висок функционер на SNS, со сериозно криминално минато и поврзаност со навивачки групи. Човекот има фирми на Кипар, а ние ја објавивме целата мрежа на деловни поврзаности и други компании околу енергетскиот бизнис. Во Македонија е познат како близок пријател и деловен партнер на Мицкоски во бизниси поврзани со енергетиката. Тој човек беше дел од кампањата на ВМРО заедно со луѓе од СНС кои работеа во кампањата во 2024 година. Објавуваше и фотографии на социјалните мрежи како пие шампањ со Мицкоски.

Подоцна, пред да биде поставен за почесен конзул, Душан Адамовиќ присуствуваше на конгреси на ВМРО, а денес може да го видите и на состаноци со Милош Вучевиќ, претседателот на СНС, во официјални партиски посети со вицепремиерот Стоилковиќ и Мицкоски. За Стоилковиќ се познати неговите врски со БИА и ставовите за Русија. Тие ставови ги делат и Вучевиќ и Адамовиќ. Голема љубов кон Русија. Од офшор-структурата на Кипар доаѓа компанијата „Алтариа Рисрч Лимитед“, која води до „Руднап Груп“, енергетски холдинг на српскиот бизнисмен Војин Лазаравиќ. Фокусот е бизнисот со струја, а како што ќе откриеме – и други бизниси индиректно поврзани со струјата. Врската со владата на Мицкоски е директна. Тука Мицкоски има уште еден свој човек – министерката за енергетика Сања Божиновска, која директно се поврзува со „Руднап“. Таа била извршна директорка во „Руднап Груп“ и управителка во „Руднап ДООЕЛ Скопје“.

СДСМ јавно ги спомнуваше имињата на луѓе што ги поврзува со Алта банка и ВМРО-ДПМНЕ. Очекувате ли истраги од македонското обвинителство?

Да, јавно спомнавме конкретни имиња на луѓе кои се директно поврзани со Алта банка и структурите на ВМРО-ДПМНЕ. Половина ВМРО практично е во Алта банка. Тие неодамна купија пакет акции од Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, човек кој беше осуден и ја отслужи казната. Тоа не е случајност.

Гувернерот од ВМРО практично работи во служба на Алта банка. Сè што прави, го прави во интерес на таа банка и луѓето што стојат зад неа. Со месеци јавно укажуваме на оваа врска: дека Алта банка служи како канал за финансирање на медиумската мрежа на Орбан во Македонија, дека преку неа се префрлаат средства за контрола на медиумите, дека таа е централна врска меѓу унгарските, српските и домашните структури. Дали очекуваме истраги од македонското обвинителство? За жал, не ги очекуваме во овој момент. Обвинителството е под целосна контрола на Мицкоски. Знаете, овде премиерот ѝ се заканува на опозицијата со обвинителството, најавува апсења. Му задава задачи на обвинителот преку собраниската говорница, преку медиумите, а еве сега и официјално по телефон, како што пред неколку дена и самиот изјави Мицкоски. Што да ви објаснувам, вие тоа секојдневно го имате со Вучиќ во Србија. Како што реков, овде сè е copy-paste, само послаба и полоша копија. Затоа, додека не се смени овој автократски режим, додека власта не се врати во рацете на граѓаните, нема да има ништо. Само ќе продолжи политиката на ограбување на нашиот народ.

Ние ќе продолжиме да изнесуваме факти и докази во јавноста. Формиравме антикорупциски тим кој секојдневно преку платформата Micko.mk собира и обработува податоци што ни пристигнуваат од цела Македонија. Сето тоа еден ден ќе биде материјал за едно слободно обвинителство. Граѓаните заслужуваат да знаат кој ги контролира банките, медиумите и парите во оваа држава.

Ако СДСМ повторно дојде на власт, што конкретно би направиле во врска со спорните банкарски, медиумски и инфраструктурни аранжмани?

Ние денес претставуваме нов закон што ќе биде основа за еден голем граѓански фронт. Тој закон ги обединува сите проевропски независни партии во Македонија. Покрај партиите, имаме и голем број луѓе кои ѝ се приклучија на оваа борба против организираната криминална група ВМРО – млади, поединци, експерти, невладин сектор …

Станува збор за закон за нулта толеранција кон криминалот и корупцијата, по примерот на естонскиот модел. Estonia беше држава слична на нас, која во посткомунистичкиот период се бореше со криминал и корупција, како што се бориме ние денес. Ако моделот успеал кај нив, и од држава што била меѓу последните на листите денес важи за една од најдобрите – тогаш може да успее и кај нас.

Што се однесува до медиумите, доволно е да се погледне каде беше Македонија на листите за медиумски слободи во времето на Груевски, а каде за време на владата на СДСМ. Ние барем не мораме да зборуваме за тоа. Еве, за само две години ВМРО повторно успеа да го урне тој напредок. Секако, за нас слободата на медиумите е еден од приоритетите. Затоа првата работа ќе биде ослободување на медиумите веднаш по победата на наредните избори.

Законот за нулта толеранција кон криминалот и корупцијата и слободата на медиумите – тоа ќе бидат првите задачи на идната влада. Влада што ќе работи во интерес на Македонија и нејзините граѓани, а не на странски служби и туѓи држави. Сè друго ви е јасно во врска со аранжманите што биле правени – оние што ги правеле ги чека одговорност.

Секако дека ќе отвориме ревизија на сите спорни зделки поврзани со Алта банка, унгарските кредити и телекомуникациските лиценци. Алта банка веќе е запрена од страна на Европската централна банка, поради сомнежи за потеклото на парите при обидот за купување една европска банка. Тоа е банка што ќе биде на листата за детална проверка. Верувам дека и во Србија ќе биде во центарот на вниманието, со оглед на блискоста со Вучиќ и СНС.

Што се однесува до унгарските кредити, верувам дека новиот унгарски премиер Петер Маѓар наскоро ќе објави податоци, затоа што истрагите се во тек – особено за 4иГ, чиј договор веќе е доведен во прашање. Со месеци ја предупредувавме јавноста дека 4иГ е фирма директно поврзана со Орбан и дека ќе служи како платформа за мрежата на медиуми на Орбан.

Доволно е да се постави прашањето: што ќе ѝ е на Македонија четврти мобилен оператор? Сè ќе ви биде јасно. Сега, кога Маѓар отвора истраги во Унгарија, очекуваме и во Македонија да се отвори целосна ревизија на сите тие аранжмани.

Сè ќе биде прегледано. Сите сомнителни трансакции, кредити, лиценци и медиумски врски – ништо нема да остане под тепих. Граѓаните ја заслужуваат вистината, а оние што ја злоупотребувале државата и јавните пари – заслужуваат одговорност.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека вие ја криминализирате секоја соработка со Србија и Унгарија. Како одговарате на тие обвинувања?

Знаете како, Орбан – Вучиќ – Мицкоски се како оние руски кукли „бабушки“. Секоја следна е помала. Првиот падна, сега на ред се овие двајца. А за да не испадне дека не сум директно одговорил на обвинувањата: организираната криминална група нè обвинува дека ја криминализираме секоја нивна соработка?

Ќе ви кажам две работи. Прво: не знам дали некаде во светот постојат сестрински партии што имаат пет тони дрога преку граница, додека тие целосно управуваат со полицијата, царината, обвинителството и судовите, а никој не одговара. Веројатно тоа го имало во Венецуела. Второ: мислам дека на ова прашање вашите медиуми имаат подобар одговор од мене.

Линк

 

 

интервју нова тв.ср Филипче
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Прва оставка во бугарската влада

May 12, 2026

Автомобил се забил во толпа во Германија – има загинати и повредени

May 4, 2026

Бугарската полиција откри огромен подземен град од канабис во стар рудник

April 30, 2026

Локација во Бугарија со 70 пати поголема радијација од нормалната – наредба за мерки за претпазливост

April 29, 2026

Косово на прагот на нови предвремени избори

April 29, 2026
shortcut
ФОКУС
May 17, 2026

Венко Филипче објави Фронтот за вистина и правда

ВЕСТИ May 17, 2026

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција го објави Фронтот за вистина и…

43-тиот кочански марш за Ангелите се случи во Виница

May 17, 2026

И Виница во протестниот марш на кочанските родители за правда за ужасот во „Пулс“

May 16, 2026

СДСМ: Нов скандал – нова бомба: 93 тендери вредни 18 милиони евра за Мастеф, омилената фирма на власта

May 16, 2026
ТИКЕР

Прва оставка во бугарската влада

May 12, 2026

Автомобил се забил во толпа во Германија – има загинати и повредени

May 4, 2026

Бугарската полиција откри огромен подземен град од канабис во стар рудник

April 30, 2026

Локација во Бугарија со 70 пати поголема радијација од нормалната – наредба за мерки за претпазливост

April 29, 2026

Косово на прагот на нови предвремени избори

April 29, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.