Двајца турски државјани на возраст од 22 и од 24 години, од кои едниот бил позитивен на Ковид-19, синоќа избегале од државен карантин во хотел во Скопје за што се послужиле со чаршафи со кои импровизирале јаже, соопшти полицијата. Двете лица се осомничени за криумчарење на мигранти, но поради позитивниот тест за Ковид-19 кај едниот од нив биле упатени во државен карантин.
Според полициското соопштение, на 8 јули околу 22:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека помеѓу првиот и вториот кат од прозорецот на хотел – државен карантин во Скопје бил забележан чаршав, кој бил врзан како импровизирано јаже. По проверка во собите од полициски службеници од СВР Скопје, било констатирано дека ги нема А.Ј. (22) и А.Б. (24), двајцата од Турција, кои на 3 јули, по основ на наредба, а во врска со кривичното дело ,,криумчарење мигранти“, од полициската станица на граничниот премин „Богородица“ биле спроведени во државен карантин, поради позитивен тест на Ковид-19 кај еден од нив.
Полицијата презема мерки за нивно пронаоѓање и расчистување на случајот.