Протестното марширање со кое во изминатата недела беше изразено несогласување со модифицираниот француски предлог од денеска продолжи со блокади на четири локации низ Македонија од 13 до 14 часот.

На блокадата на улиците околу Владата, беше присутен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со сопартиецот Александар Николовски, како и лидери на помали опозициски партии.

Изјава даде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, кој побара Владата да го отфрли францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ и да не бара став од Собранието.

„Ќе дејствуваме согласно стратегија која што ќе ја усвоиме. Ние уште еднаш ја повикуваме Владата да каже ‘не’ на ова решение. Очекуваме уште еднаш власта да го слушне гласот на народот и да не се обидува да ја префрлува топката кај пратениците во Собранието“, рече Ковачки.

Освен кај Владата, блокади има и на магистралните патишта Штип-Велес, Струмица-Радовиш и Плетвар-Прилеп. Утре ќе нема протести поради празникот Курбан бајрам, а за в недела е закажан протест во 19 часот пред Владата. (Р.Н.)