Одговорност за злоупотребите откриени во прислушуваните разговори е основа за одржлив излез од политичката криза и е дел од Договорот од Пржино, вели британскиот амбасадор Чарлс Гарет во интервју за Телма.

Според Гарет, договорот за избори е само прв чекор, но останува да се спроведат сите реформи и да се врати кредибилитетот на демократските институции кои претрпеа огромна штета.

„ Сега во преговорите фокусот е на изборите, одговорност на партиите е да одлучат кога и како ќе се одржат изборите. Но, одговорност на партиите е да исполнат се што е потребно пред изборите. Тоа го гледам како прв чекор за излез од центарот на оваа криза. Следните чекори се познати од извештајот на Прибе“, вели Гарет.

Во Македонија, според него, посебно важно е прашањето на одговорност, па затоа и  четворицата политички лидери се согласија да се формира СЈО.

Британскиот амбасадор вели дека за излез од кризата важно е луѓето да имаат доверба во институциите.

„Многу нешта се случуваа овде во последните 3-4 години, се направи огромна штета на демократските институции на земјата. Треба многу време да се добие кредибилитетот“ Гарет.

Во однос на прашањето за евро-обврзницата, рече дека траспарентноста е основа за успешната политика на владата.

„Тогаш сите ќе знаат зошто се позајмуваат пари и ќе имаат став за тоа“, изјави Гарет.

Амбасадорот Гарет потврдува дека Британија останува силен поддржувач на Македонија и откако ќе ја напушти ЕУ, бидејќи е моќен играч на светската политичка сцена.